ССМ контра Инспекторатот за труд: Поради солидарност старите одмори треба да ги искористат сите вработени во приватниот сектор

Од:

Сојузот на синдикати на Македонија и Државниот инспекторат за труд различно ја толкуваат Уредбата за користење на годишните одмори во приватните компании. Откако „А1он“ го објави ставот на Државниот инспекторат за труд од каде сметаат дека старите одмори и првиот дел од новите годишни одмори предвреме поради вонредната состојба треба да ги искористат само работниците опфатени со времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот, Сојузот на синдикати смета дека одморите треба да ги искористат сите вработени во приватниот сектор. Доцна синоќа на објаснувањето од Државниот инспекторат за труд реагираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

„ Читајќи го член 3, според мене, пишува дека оваа законска мерка важи за сите вработени во приватниот сектор. Обврска на работодавачот е да им ги организира одморите на работниците предвидено со датите во членот три. Никаде не пишува дека не важи за сите вработени. Малку е збунувачки тоа што членот 3 почнува со зборовите ’за работниците опфатени со мерките’, но важи за сите. Затоа што е солидарно да го искористат стариот одмор и првиот дел од новиот одмор сите вработени“, вели за „А1он“ претседателот Димовски.

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, во членот 3 кој се однесува на годишните одмори, според објавата во службен весник стои:

„За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, да се искористи до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот. За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19, делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 30 јуни 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот“.

Ова е единствениот член во Уредбата кој се однесува на годишните одмори. Приватните компании не добија дополнителни насоки за примената на Уредбата ниту детално објаснување како и кому да му дадат одмор.

„А1он“ побара објаснување на Уредбата од Државниот инспекторат за труд од каде велат дека Уредбата не се однесува на сите вработени туку важи само за оние кои веќе ги користат мерките на Владата за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот и веќе се дома, како што е нагласено на почетокот на член 3. Такви се по еден родител на дете до 10 години, хронично болните и трудниците. Тие останаа дома од 11 март со заклучок на Владата.
Уредбата за годишните одмори беше објавена во „Службен весник“ на 4 април годинава.

Би можело да ве интересира

Синдикалната минимална кошница за март 58 998 денари, само за еден месец се зголеми за 1522 денари

Орце Костов

ССМ бара повторување на постапката за конфискацијата на Работничкиот дом, најавува и протести

ССМ поднесе барање до Судскиот совет за разрешување на тројцата врховни судии кои донесоа одлука за одземање на работничкиот дом

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ

ССМ бара оставка од тројцата судии што ја донеле одлуката за одземање на зградата, најавуваат постапка и пред Судскиот совет

Трендафилов: Со „плата во плико“ работниците стануваат модерни робови