Креирање поволни услови за работа на бизнис секторот, зголемување на инвестициите, ефикасност на администрацијата, соодветна инфраструктура и партнерство со индустријата, се само некои од целите на Меморандум за соработка што денеска го потпишаа претседателот на Сојузот на стопанските комори (ССК) Данела Арсовска и претседателот на Советот за развој на скопскиот плански регион Сокол Митровски.
Договорот беше потпишан во рамки на Регионалниот совет на скопскиот плански регион на кој присуствуваа 17 градоначалници од општините.
– Двете институции заеднички ќе работат на јакнење на принципот на јавно-приватно партнерство, како и на делување во насока на зајакнување на капацитетот на мрежите во локалната и руралната заедница, бизнис секторот, стимулирање на развојот на локално и регионално ниво, рече Арсовска.
Ова, додаде, е дел од иницијативата на ССК која почна да се спроведува од септември 2014 година за зајакнување на членството од сите општини во Македонија преку организирање редовни средби со градоначалници и стопанственици, а во насока на подобрување на деловното опкружување преку рамномерен регионален развој.
Според Арсовска, она што е од големо значење за ССК, а на кое делува и Скопскиот плански регион, е економски развој на општините и создавање поволни услови за водење бизнис.
ССК ги застапува интересите на бизнис заедницата во насока на подобрување на нивното деловно работење. Значителен дел од компаниите-члеки на ССК припаѓаат на Скопскиот плански регион, кој опфаќа 17 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, односно 10 урбани општини кои се дел од градот Скопје и седум рурални.