Продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош како и бескаматните кредити се приоритетните мерки кои реалниот сектор очекува да продолжат и да траат најмалку до април – бараат од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Од таму посочуваат дека направиле анкета според кој деловните субјекти бараат петтиот пакет на економски мерки да содржи мерки за одржување на ликвидноста, мерки за даночно олеснување и одложување на даночните обврски, како и субвенции за задржување на вработените. Сојузот на стопански комори на Македонија до Владата ќе достави предлозите кои ги доставија претпријатијата за петтиот пакет на економски мерки.
„Директна таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци. Потребно е и да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината. Апелираме за ефикасна и ефективна имплементација на мерките за намалување на сивата економија, што е неопходно особено во услови на криза за да се избегне даночна евазија. Не е добро средствата за поттикнување на потрошувачката да завршуваат кај нерегистрирани субјекти кои не придонесуваат во државниот буџет. Потребно е и да се интензивираат и активностите поврзани со имплементација на укинувањето на парафискалните давачки кои се дополнителен товар сред криза кога значително е намалена деловната активност на претпријатијата“ – стои во соопштенето од Сојузот на стопански комори на Македонија од каде бараат петтиот пакет мерки да биде донесен во јануари.