На повеќе локации во Градскиот парк денеска ќе се одржува манифестацијата „Средношколски игри 2015“, чија цел е унапредување на психофизичкото здравје на учениците.
Ќе учествуваат стотина ученици од 21 средно училиште на Град Скопје, а ги организира Здружението на граѓани за подобрување на себеси и другите „Сфера“, со поддршка и кофинансирање од Секторот за образование на Град Скопје.
Учениците ќе се натпреваруваат во различни активности (спортски, мисловни, уметнички, технички), како: натпревари во крос, квиз на знаење, цртање, фотографски вештини, креативно пишување, графити… а најдобрите ќе добијат дипломи и пехари.
– Во секоја од игрите ќе настапуваат тимови од по двајца или по еден ученик од секое училиште, при што ќе се создаде пријателска и ведра атмосфера, учениците ќе се запознаат, ќе се дружат и ќе разменуваат позитивни мисли и искуства. Секоја од игрите ќе биде координирана од стручни лица од дадена област, кои ќе претставуваат комисии за определување на најдобрите според постигнатите резултати, соопшти организаторот.