Средба на Шекеринска со помошник генералниот секретар на НАТО, Илдем

Од:

Помошникот генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, амбасадорот Тачан Илдем од денеска престојува во дводневна посета на Република Македонија, во чии рамки оствари средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а го посети и единствениот НАТО-сертифициран центар во Република Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста.

На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска посочила дека членството во НАТО претставува стратешка определба на Република Македонија, која има висока поддршка од граѓаните на Македонија.

– Зачленувањето на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен импулс за безбедноста и стабилноста на Регионот, рекла Шекеринска и потенцирала дека Македонија е фокусирана да ги спроведе реформите согласно насоките од Варшавскиот самит на Алијансата, кои подразбираат напредок во владеењето на правото, слобода на медиумите, унапредување на човековите права и професионални институции.

Таа додала дека Владата на Република Македонија веќе покажала оти политиката на добрососедство е еден од главните приоритети. Министерката посочила дека Владата е подготвена да ги решава прашањата кои се отворени, а не само да ги набројува и користи како изговори.

Помошникот генерален секретар Илдем силно ги охрабрил напорите на новата реформска влада за спроведување на реформите потребни за членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО. Тој потенцирал дека се очекуваат конкретни резултати согласно препораките на НАТО од Самитот во Варшава и изразил поддршка за реформскиот капацитет на Владата.

При посетата на Регионалниот центар за односи со јавноста, во придружба на заменик-министерот за одбрана Беким Максути, помошникот генерален секретар Илдем, се запознал со структурата и видовите на обуки кои се изведуваат во Центарот, како единствен НАТО Партнерски центар за образование и обука во Македонија.

Заменик-министерот за одбрана Максути посочил дека Регионалниот центар за односи со јавноста од своето основање во 2005 година во голема мера придонл кон развојот на капацитетите за односи со јавноста во земјите од Југоисточна Европа.

– Со понудата на овој значаен капацитет, на сите земји-членки на НАТО и партнерите, ние праќаме силен сигнал дека Македонија е подготвена да помогне и да даде поддршка на НАТО, не само во меѓународните мировни мисии и операции, туку и во области како односите со јавноста, истакнал Максути.

Регионалниот центар за односи со јавноста, освен што е единствен НАТО-партнерски центар во Македонија, тој е и единствен Центар од овој вид од постојните 31 Партнерски центар за образование и обука во светот кој е специјализиран исклучиво за изведување на обука за односи со јавност.

Би можело да ве интересира

Претстојниот Самит на НАТО и поддршката за Украина, главни теми на средбата на министрите за одбрана на Алијансата

Горан Наумовски

Кина би можела да организира мировна конференција на која ќе учествуваат Русија и Украина најави Лавров

Реакции од Италија: „НАТО не може да не принуди да убиваме во Русија, Столтенберг да поднесе оставка“

Предраг Петровиќ

НАТО функционер за АНА-МПА: Северна Македонија под уставното име влезе во Алијансата

Петер Сијарто: Унгарија нема да учествува во иницијативата на НАТО за помош на Украина

Република: НАТО директно ќе влезе во војна доколку Русија премине една од двете црвени линии