Министерот за правда Билен Саљији денеска се сретна со експертот на Европската унија Рајнхард Прибе со кого разговараше за прашањата поврзани со правосудството.
На средбата од страна на министерот Саљији е искажана политичка волја за целосна посветеност во спроведувањето на серијата мерки и активности за надминување на недостатоците во областа на правосудството содржани во Извештајот на Прибе.
Министерот Саљији, како што соопшти ресорното Министерство, ги презентирал и активностите на кои Министерство за правда ќе биде фокусирано следниот период.
Прибе се осврнал на изготвениот извештај и ја најавил следната мисија на која посебен акцент ќе биде ставен на проценката што е направено за надминување на забелешките дадени во Извештајот, но и на давањето идни препораки за подобрување на состојбите во рамки на престојните реформски активности во наведените области.