Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Таџан Илдем помошник Генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
Претседателот на Собранието на почетокот на средбата изразил голема благодарност за поддршката дадена од Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг за изборот на новата Влада и новото парламентарно мнозинство, како и во однос на реформаторските процеси во општеството и на планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО.
Република Македонија веќе 18 години успешно го подготвува Годишниот план за членство во НАТО, за што и тој како поранешен заменик-министер за одбрана, а потоа и министер за одбрана, имал голем ангажман и удел во напорите за полноправно НАТО членство.
Џафери изразил убеденост дека само со конструктивен дијалог со соседите во однос на спорните прашања и со активен ангажман во исполнувањето на Планот 3-6-9, како и со консензуално усвојување на Предлог-декларацијата за забрзување на реформаторските и интеграциските процеси за зачленување во ЕУ и НАТО, ќе се финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот Самит на НАТО во 2008 година.
Илдем ја нагласил натамошната поддршка на НАТО за исполнување на амбициозната реформаторска агенда на новата Влада на Република Македонија, особено на планот на владеење на правото, јакнењето на мултиетничкото општество и принципите на Охридскиот договор, како и одржувањето и негувањето на добрососедските односи.
НАТО, рекол, ја охрабрува Република Македонија во насока на имплементација на реформаторската агенда и воспоставување на поблиски релации со сите земји членки на НАТО на билатерална основа, да даде добра презентација на Годишната национална програма пред Северно-атлантскиот совет и особено Собранието на Република Македонија преку својата Делегација во ПС на НАТО да покаже зголемен ангажман и да ја врати клучната улога на парламентот како вистинско место за реален политички дијалог.
Соговорниците споделиле позитивни мислења околу пристапувањето на Црна Гора како 29. полноправна членка на НАТО, при што претседателот на Собранието истакна дека неговата прва официјална билатерална посета беше токму во Црна Гора, кога и лично им ги пренесе искрените честитки за овој огромен успех, изразувајќи цврста надеж дека Република Македонија за многу скоро време ќе биде следната, 30. земја – членка на НАТО алијансата.