Македонскиот кандидат за функцијата генерален секретар на ООН, на покана од емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, од денеска до 23-ти овој месец ќе учествува на 16-от Доха Форум во Катар.
Керим ќе има излагање на тема „Каде се движи глобалната економија“ во панел заедно со министерот за економија на Катар, шеикот Ахмед бин Јасим Ал-Тани и кандидатите за генерален секретар Данило Турк од Словенија, Весна Пусиќ од Хрватска, Вук Јеремиќ од Србија и Наталиа Герман од Молдавија. Керим на собирот ќе зборува за најзначајните индикатори во светската економија.
На Форумот најавено е учество на министри, високи функционери и претставници на Обединетите Нации, како и генералниот секретар Бан Ки Мун и претседателот на Генералното собрание на ООН, Могенс Лукетофт.