Во Србија денеска продолжи вакцинацијата на македонски и странски државјани со вакцини на „АстраЗенека“. За разлика од Белградскиот саем каде беше празно, во Ниш поради големиот број неповикани македонски граѓани се создаде голема турканица.
На Белградскиот саем, за разлика од вчера, кога беа вакцинирани 5.299 странски државјани, од кои речиси половината беа Македонци, денеска беше празно. Ги немаше вчерашните турканици, а како што изјавија здравствените работници на саемот, бројот на Македонците кои до пладне се вакцинираа изнесувал над 100.
Имаше и десетина македонски државјани на кои им беше дозволено да ја примиат вакцината и без потребната пријава и покана и покрај апелот од српската владина Канцеларија за е-Управа која вчера ги повика граѓаните на соседните земји, меѓу кои и од Македонија, ако немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани.
– Ние сме двајца браќа од Струга, дојдовме во Белград без да аплицираме и да добиеме покана, прашавме и ни дозволија да се вакцинираме и сега сме презадоволни – дел од македонските граѓани кои во Белград отишле без да имаат потврден термин за вакцинација.
И покрај апелот на српските власти имаше и други наши граѓани кои без закажан термин се вакцинираа.
За разлика од Белград, во Ниш во салата „Чаир“ за вакцинација пристигнаа околу 2000 македонски државјани. Поради големиот број нерегистрирани лица за вакцинација настанаа големи турканици и вакцинацијата беше прекината за оние кои немаа покани и закажан термин.
– Многу сериозна турканица. Успеав да набавам уште 2.000 вакцини. Вакцините се од Белград. Ако има повеќе луѓе, ќе ни биде жал, нема да можеме на сите да им излеземе во пресрет, изјави директорот на Здравствениот дом во Ниш.
Пристигнале и македонски државјани од Прилеп и Битола, кои не биле пријавени за вакцинација.
– Ние не враќаме никого во моментот, сепак, се обидуваме тие што се регистрирани први да добијат вакцина, тоа е основната поента – тие да добијат прво, сè што ќе остане ќе им дадеме на другите луѓе, изјави Јеркан, кој додаде дека поради турканиците на еден Македонец му се слошило.
Како што соопштија од Стопанската комора на Србија вработените во повеќе од 1.500 компании од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово за време на викендот добија вакцини против Ковид-19 во Белград и Ниш.
– Акцијата за имунизација на бизнисмените од регионот беше организирана од Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, а 10.000 вакцини беа обезбедени од Стопанската комора на Србија заедно со Владата на Србија. Пунктови за вакцинација за бизнисмени беа организирани во Белград и во Ниш. По новите пријави поради големиот интерес за вакцинација преку стопанските комори, се пријавија вкупно околу 8.500 вработени од регионот, соопштија од ПКС.
Од над 1700 пријавени македонски државјани преку ПКС, вакцини примија вработените од компаниите „Алкалоид“, „Тиквеш“, „Македонски Телеком“, „Млекара Битола“, „Македонија турист“, „Стопанска банка“ и „Витаминка“ од Прилеп.