Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“, кој во училиштата низ Македонија почна да се спроведува пред три години, денеска го организираше настанот „Speech4Teach“ на кој седум говорници – наставници, педагози и ученици (осмоодделенците Маја Мишевска и Матеј Плавевски) раскажаа успешни практики кои се инспиративни идеи за воведување нови методи во наставата и за мотивирање на просветните работници.
Проектот „Со читање до лидерство“ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор – Македонија“, а денешниот настан беше организиран по повод Меѓународниот ден на наставниците и почетокот на Детската недела.
Директорот на Мисијата на УСАИД Џејмс Стајн потсети дека целта на проектот е да се проценат и да се подобрат јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија и да се зајакнат педагошките вештини на наставниците.
– За да ја постигнеме таа цел, ние работиме со Министерството, со образовните институции, училиштата, со наставниците, но и со самите ученици, нивните родители и целата заедница, со цел да ги промовираме почетните јазични и математички вештини како важни вештини во животот, рече Стајн.
Сузана Киранџиска, раководител на проектот „Со читање до лидерство“, изјави дека тој е веќе проширен во сите училишта низ Македонија и дека резултатите наскоро ќе ги презентираат во извештај. Во училиштата каде што проектот се спроведува подолго, рече таа, веќе има подобрување.
– Сите податоци што ги добиваме ги користиме за понатаму да може да се преземат интервенции кои ќе доведат до подобрување на јазичната и на математичката писменост кај учениците. Резултатите што ќе ги добиеме се со цел да се направат стандарди за рана писменост кај учениците, а тоа ќе биде направено во последната година од проектот рече Киранџиска.
Преку проектот „Со читање до лидерство“ во Македонија првпат се користат инструменти за проценка на постигнувањата по јазична и математичка писменост кај учениците од почетните одделенија на македонски, албански и турски јазик.
Проектот нуди иновативни и креативни активности, како Караван на букви и броеви, Библиотека на тркала, Дигитална библиотека и соодветни ресурси за ученици, наставници и родители. Проектот се реализира со буџет од околу 1.723.000 американски долари обезбедени од Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД.