Воопшто не е важно во кое време и колку време се водела каква било истрага, важен е кредибилитетот со кој се прави тоа и крајните резултати, а сензационализмот не е основа за водење истраги, порача денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали во акцијата во Крушопек бил вклучен и негов тим додека тој беше министер за внатрешни работи.
-Воопшто не е важно колку време, кога, во кое време се водела каква било истрага. Важно е со каков кредибилитет тоа ќе се прави и да знаете дека сензационализмот не е основа за водење на истраги и спроведување на акции. Во секоја истрага мора да има сериозна кредибилност и кредибилитет и лична одговорност на оној кој раководи со органот во делот на истрагите. Врвен приоритет е да се заврши и тоа што сте го завршиле да го кажете пред јавноста. Не е важно веднаш во ист момент да излезете во јавноста и да кажете имам сензација, а со тоа да се загрози истрагата, рече денеска Спасовски, на заедничката прес-конференција со претседателот на парламентарната група „Renew Europe“, Дациан Циолос.
Нагласи дека не смее и не треба во ниту еден момент истрагите да се водат во јавност и преку медиумите и додаде дека е потребно да завршат, да се обезбедат докази, а оние кои направиле кривично дело да завршат таму каде што им е местото.
Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја, приведени четири лица, отворање финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, се резултатите од полициската акција во селото Крушопек во скопски Сарај.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера на серијата прашања од страна на новинарите на прес-конференцијата не откри за колкава количина дрога станува збор, ниту со кои други земји соработувале, во кој временски период се водела , а се, како што рече, во интерес на истрагата.
Медиуми од нашата држава, но и од Албанија, Србија, Словенија, Црна Гора излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тон кокаин, по потекло од Колумбија.
Чулев информира дека кокаинот е пронајден во магацин за овошје – банани на правното лице Банекс компани ДООЕЛ. Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.
По објавата за заплената на еден килограм кокаин во скопското село Крушопек, скриен во пратка со банани од марката „Дерби“, се огласи сопственикот на овој бренд, словенечката компанија „Растодер“, која тврди дека била „цел на злоупотреба од страна на криминален картел“.
Словенечките медиуми посочуваат дека кокаинот бил скриен меѓу банани увезени од Јужна Америка, чија крајна цел била Италија, но транзитирале преку неколку балкански земји. Агенцијата СТА наведува дека пратката со банани од Јужна Америка со брод стигнала во Црна Гора, од каде потоа дел биле пренесени во Албанија и Северна Македонија, додавајќи дека крајна цел на откриената дрога во Крушопек бил нарко пазарот во земјава. Компанијата „Растодер“ во својата реакција истакнува дека уапсените од страна на македонската полиција во врска со овој случај, не се поврзани со неа.