Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави оти очекува поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, да бидат вратени во Македонија, но исто така да бидат откриени и лицата што им помогнале да побегнат.
– Јас очекувам дека тие ќе бидат вратени во Република и дека ќе се изведат пред лицето на правдата во Република Македонија. Правда за секој во Македонија мора да има и секој мора да одговара за сторените дела во оваа држава. И ние во тој правец ќе работиме бескомпромисно, рече Спасовски.
Запрашан кога избегале Грујевски и Бошкоски, министерот за внатрешни работи кажа дека тоа било веројатно пред Апелациониот суд да ги донесе одлуките за нивен притвор.
– Заедно не само во соработка со колегите од Грција туку и со повеќе регионални служби ние успеавме да дојдеме до податоците за нив и на крајот да имаме успешна акција за нивно приведување, рече Спасовски.
Министерот не кажа кои биле нивните помагачи посочувајќи дека овие податоци не можат да бидат објавени бидејќи обвинителството се уште работи на случајот. Според Спасовски, не е само важно Грујевски и Бошкоски да бидат вратени во Македонија туку и да се открие кој им помогнал да излезат од Македонија и која им била логистиката во наредниот период.
Судот во Солун вчера го одложи за 24 октомври судењето на поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Грујевски и вработениот во УБК, Бошкоски. Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Тие вчера беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи.
Грујевски и Бошковски кои беа уаспени на аеродромот во Солун, користеле лажни бугарски пасоши при обидот да заминат со авион за Будимпешта.