Носителот на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во Втората изборна единица Оливер Спасовски синоќа се обрати на Свеченото собрание на Демократската партија на Турците која славеше 30 години од постоењето.
– Демократската партија на Турците е вградена во темелите на нашата земја. Создадена е кога и нашата независна и суверена држава. Многу квалитетни кадри од оваа партија овие три децении макотрпно рамо до рамо заедно работеа да дојдеме до ваква држава денес, којашто е на сите граѓани подеднакво без разлика на националната, верската, етничката припадност, држава којашто е дел од НАТО и е на чекор од почнување преговори со Европската Унија, рече Спасовски.
Додаде дека заедно со ДПТ во изминатите години донесени се храбри одлуки и оти заедно работат на концептот „Едно општество за сите“.
Спасовски се осврна и на принципелната и пријателска соработка со Турција и изрази благодарност за поддршката и помошта што земјава ја доби од Турција за време на корона кризата.
Ги повика сите граѓани Турци во земјава да излезат и да гласаат за, како што рече, заедно да продолжат по патот на сигурноста, новата развојна економија, еднаквоста и евроатлантскиот пат.