Министерот Оливер Спасовски кој синоќа од партиските тела на СДСМ беше избран за технички премиер на преодната влада, изјави дека и тој и неговата партија имаат концепт по 3 јануари кога ќе ја преземе оваа функција.
-Ова е преодна влада што треба да обезбеди, пред се, период за добра организација на изборите, фер демократски шанси за сите политички субјекти, да овозможиме граѓаните самостојно да ги носат одлуките. Меѓутоа, воедно да продолжиме и силно во работењето и реализацијата на проектите, да немаме застој во реформите во државата, да ги оствариме националните интереси, рече Спасовски по отварањето на нова градинка во штипската анселба Сењак.
Посочи дека сите приоритети кои стојат пред техничката влада, тој ќе ги презентира во експозето кога ќе се формира владата.
Прашан дали ја има големата слика за функцијата технички премиер и дали е способен за неа, Спасовски дециден дека е способен да ја извршува оваа одговорна функција, исто како што досега ја вршеше и функцијата министер за внатрешни работи.
-Со иста динамика, со иста посветеност да работам за интересите на граѓаните, како што работев во изминатите години во ресорот на Министерството за внатрешни работи. Навистина нема подобра работа од тоа кога ќе гледате дека имате напредок, дека градите нови стратегии, воведувате, развивате нови политики. Сето она што ќе го направите во еден мандат, тоа останува како белег и во градот, и во државата, рече Спасовски, додавајќи дека со несмалено темпо ќе се реализираат сите проекти.