Советување за компаративните искуства во судството на Англија и Велс

Од:

Претставници на Слин Фондацијата од Лондон и Комисијата за назначување судии во Англија и Велс, денеска и утре, пред претставници на Судскиот совет, на судовите и на Министерството за правда ќе ги презентираат искуствата во врска со процесот на селекција и унапредување на судиите во Велика Британија.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Анета Арнаудовска изјави дека британските претставници ќе го презентираат системот на назначување, оценување и унапредување на судиите во судскиот систем, а воедно преку интерактивна дискусија ќе бидат презентирани и најдобрите практики, како и начинот на кој би можеле да се применат и придонесат во унапредувањето на овој сегмент во македонското правосудство.

– Согласно најновиот извештај на ГРЕКО во однос на Велика Британија судството е категорија која ужива највисока доверба во јавноста и се одликува со највисок степен на реализација на независноста, интегритетот и компетентноста, рече Арнаудовска.

Во однос на судиите на Велика Британија, како што нагласи таа, ГРЕКО немаше никакви забелешки ниту во поглед на независноста, ниту во поглед на ризиците од корупција. – Токму затоа сме среќни што ќе ги слушнеме искуствата на нашите колеги кои ќе ни помогнат во нашиот процес на исполнување на препораките на ГРЕКО и Европската комисија кон подобрување на критериумите и селекција за првиот влез во судско-обвинителската професија, но и за унапредување во повисоките инстанци, нагласи Арнаудовска.

Амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Едмунд Гарет истакна дека судскиот систем е многу важна основа за демократијата во општеството. – Британија има долга традиција и почитување за независноста во судскиот систем што произлегува од долгите години на спроведување на политиките и практиките од сите засегнати страни. Не мислам дека таквата доверба во судството може да се случи преку ноќ, туку бара долги години напорна работа, истакна британскиот амбасадор.

Според него, со стекнувањето независност во судството ќе се подобри економијата и демократијата во општеството.

Посетата на британските експерти е во рамките на повеќегодишната соработка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ со Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија во областа на правосудството.

На советувањето присуствуваа и претставници на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, како и претставници на Здружението за судии на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза