Советот на Општина Пехчево ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар

Од:

Советот на Општина Пехчево на денешната 11-та седница едногласно ја отфрли иницијативата поднесена од приватен инвеститор за отпочнување постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на објект со намена Г4.7 – градби за чување и складирање на дигитални податоци, односно дата-центар, на катастарски парцели во КО Панчарево.

Точката беше предложена како втора на дневниот ред, но уште на почетокот на седницата координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, Николчо Јовчев, побара нејзино повлекување. Тој посочи дека иницијативата не била доволно образложена ниту пред советниците, ниту пред јавноста, додавајќи дека нивната советничка група нема да ја поддржи.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китaнски, исто така побара точката да биде симната од дневниот ред, нагласувајќи дека како градоначалник има морална и човечка одговорност кон советниците, општинската администрација и граѓаните.

– Иницијативата што е поднесена до Општина Пехчево е само почеток на една постапка и не претставува одобрение за градба. За евентуална изградба на таков објект треба да се поминат повеќе релевантни институции и процедури, истакна Китaнски, кој појасни дека согласно законот, не може да го објави името на инвеститорот.

Тој посочи дека во постапката би следувале изработка на планска документација, мислења од надлежни институции, како и постапки поврзани со заштитата на животната средина. Доколку некоја од надлежните институции даде негативно мислење, како што објасни, процесот би бил прекинат.

Китански нагласи дека не сака да се шпекулира со можните позитивни или негативни ефекти од дата-центар без стручни анализи и елаборати. Посочи дека се консултираат стручни лица за можните придобивки, но и за потенцијалните влијанија од ваков тип инвестиција.

– Ако некогаш дојде до таква инвестиција, треба да знаеме која е користа за општината, кои се придобивките, но и кои се штетните последици. Не можеме да шпекулираме без релевантни податоци и стручни анализи, рече градоначалникот.

Јовчев, пак, побара во иднина да има поширока информираност на граѓаните за вакви инвестиции и посочи дека советничката група на СДСМ се залага за мораториум за инвестиции од ваков тип доколку се непознати за јавноста и за советниците.

На седницата, свој став изнесе и советник од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој истакна дека групата не е против развојот и инвестициите, но смета дека пред носење одлука од ваков карактер мора да има целосна анализа на придобивките, трошоците и можните последици за општината.

– Потребно е да имаме целосна анализа за влијанието врз животната средина, потрошувачката на електрична енергија и вода, како и конкретната корист за граѓаните и локалната економија. Не сме против развој и инвестиции, но ваквите проекти треба да се поддржат само кога ќе постојат јасни гаранции дека интересот на Општина Пехчево и нејзините граѓани е целосно заштитен, беше истакнато од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во дискусијата беа отворени и прашања за потрошувачката на вода и електрична енергија, имајќи ја предвид состојбата со инфраструктурата во Панчарево. Градоначалникот Китaнски нагласи дека во моментот Општина Пехчево нема стручна студија врз основа на која би можела да се утврди точната потрошувачка или влијанието на евентуален дата-центар.

По дискусијата, предлогот за прифаќање на иницијативата беше ставен на гласање. Немаше гласови „за“, а сите присутни советници гласаа „против“, со што иницијативата беше одбиена.

По гласањето, граѓаните присутни на седницата побараа дополнително појаснување дали со одбивањето на иницијативата постапката дефинитивно завршува и дали во иднина би можела повторно да се поднесе иницијатива.

Китански посочи дека за евентуална идна иницијатива и можноста таа повторно да биде разгледувана треба да се проверат законските одредби, особено имајќи ги предвид најавените измени во релевантното законодавство.

На крајот од расправата, претставници на советничките групи ја повторија позицијата дека интересот на граѓаните на Пехчево треба да биде на прво место, а за евентуални идни инвестиции од ваков карактер да се обезбедат целосни информации, стручни анализи и транспарентна постапка.

Би можело да ве интересира

Левица: ДПМНЕ ја распродава енергетската иднина на Македонија со дата-центар во Пехчево

(ВИДЕО) Штерјова: Дата-центрите ризик за водата, струјата и сметките на граѓаните

Ја турнал партнерката низ прозорец во Центарот за социјални работи

Горан Наумовски

Спречен поголем пожар во пехчевски „Суви Дол“

ВИДЕО: Изгоре единственото противпожарно возило на пожарната од Пехчево

Катерина Ѓуровски

Градоначалникот Китански побара помош од доброволци за гаснење на пожарот во Пехчево