„Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, заедно со Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ вчера во 18 ч. во Куќата на Уранија во Охрид одржаа состанок со реактивната мисија на УНЕСКО.
На состанокот беше констатирана одлуката на УНЕСКО од четириесеттата седница во Истанбул – ако надлежните продолжат со спроведување на спорните проекти, регионот е во опасност да го изгуби статусот, односно е во опасност да биде префрлен на Листата на загрозено наследство што претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО.
УНЕСКО препорачува да се запре со спорните инфраструктурни проекти додека не се утврди конкретно нивниот кумулативен ефект врз животната средина.
– Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент кој постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот кој го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки ќе биде готов за 8 недели од сега. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не на 41 седница на УНЕСКО во јули 2017 г. во Краков, Полска, наведе Драгана Велковска од Е.Д.Е.Н. по состанокот со УНЕСКО.
На нашето прашање дали надлежните ги испочитувале препораките од 40тата седница на УНЕСКО, претставниците од реактивната мисија само кусо одговорија дека им е доставен извештај за статусот на конзервација на доброто и за чекорите преземени за спроведување на горенаведените препораки. Денес Охрид ЅОЅ испрати официјално барање до Националната канцеларија на УНЕСКО за увид во извештајот што државата го доставила бидејќи се работи за документ кој е информација од јавен карактер.
На самиот состанок на мисијата ѝ беше објективно образложена актуелната ситуација и им беше претставено истражување на Здружението Е.Д.Е.Н. според кое речиси сите опфатени институции, граѓани и граѓански организации се против уништување на природните вредности на регионот во име на краткотрајна или еднократна финансиска добивка.
– Урбанизацијата на Студенчишко Блато ќе предизвика уништување на последниот блатен екосистем на Охридското Езеро карактеристичен со својата флора и фауна, додека, пак, изградбата на марина и пешачките патеки во Езерото од каналот Студенчишта до реката Грашница трајно ќе одземе и уништи неколку хектари од литоралниот регион во овој дел од Езерото со што ќе се уништат ендемски видови, рече Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ.
Јавноста треба да знае дека дури и граѓаните да ги поддржуваат навистина предложените инфраструктурни проекти, тоа не значи дека локалитетот нема да се стави на Листата на загрозено наследство. Важно е и да се нагласи дека надлежните имаат обврска и одговорност објективно да ги прикажуваат информациите и да ја претстават точната слика на граѓаните. Во ситуација на голема иселеност, голема невработеност, овие проекти се чинат привлечни бидејќи постои тенденција штетата да не се прикажува од страна на надлежните, а придобивките да се преувеличуваат.
Затоа, организациите нудат конкретни и конструктивни решенија кои ќе значат добивка за сите. Таков е примерот со алтернативата на експресниот пат „Смарт Охрид“ кој пред мисијата го претстави организацијата Еко-свест.
– Искуството со другите проекти за изградба на патишта во Македонија зборува за низа прекршувања на еколошките стандарди и штети врз живеалиштата и заштитените видови. Планираниот експресен пат Охрид-Пештани ќе направи огромни измени на пејзажот и загуба на ендемични шуми. Наспроти ваквите планови, ние предлагаме одржливо решение наречено Смарт Охрид кое ќе биде еколошки прифатливо и одржливо, а воедно ќе донесе економски придобивки за локалното население од општината, децидна беше Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.
На состанокот се спомна и иницијатива за прогласување на регионот за зелена дестинација што ние сесрдно ја поддржуваме. Македонија има извонредни природни богатства и може да понуди мноштво туристички пакети за активен туризам. На тој начин и ќе ја зачуваме природата и ќе си овозможиме долги години да профитираме од неа. Со сегашните понудени проекти граѓаните нема да имаат никаква економска придобивка, тие проекти ќе им го отежнат и секојдневниот живот, а и ќе придонесат за уништување на природата која е единствената причина за развој на туризмот во регионот.
Со поседувањето на вакво уникатно и огромно богатство доаѓа и големата одговорност за паметно управување со него. Дали надлежните се на ниво на задачата?“ пишува во заедничкото соопштение на граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.