Сопругата на Булент Ибрахим, починат од сепса по операција на хемороидите: Обвинителката ми се извини што осум месеци во фиока го чувале предметот

Од:

Една година по смртта на 38-годишниот Булент Ибрахим, кој почина од сепса по операција на хемороидите, неговото семејство чека институциите да утврдат дека грешка во лекувањето направил хирургот што оперирал во нехигиенски услови, а по операцијата го лекувал Ибрахим дома место во болница и покрај компликациите. Кривична пријава против хирургот Ѕвонко Николовски, кој ја направил операцијата, против Крсто Митаноски, кој му изнајмил хируршка сала на Николовски за операцијата, и против анестезиологот Снежана Каваин, семејството поднело лани на почетокот на март, но се жали дека Обвинителството сè уште нема поведено обвинение. Поради одолжување, семејството се сомнева дека некој го штити хирургот Николовски, а имаат и низа забелешки за непостапување на институциите.

„Иако пријавата ја поднесовме во март, ме викнаа да дадам изјава, дури на крајот на годината лани. Обвинителката ми се извини затоа што нејзината колешка осум месеци во фиока ја чувала кривичната пријава што ја поднесовме. Ме извести и дека имаат некакви наоди од крвта на Булент од ГОБ ‘8 Септември’, но не ни ги даваат на увид, ни го одбија барањето за увод во списите“, се пожали Едита Ибрахим, сопруга на Булент.

Сопругата на починатиот вели дека семејството живее во агонија обидувајќи се да докаже лекарска грешка додека лекарите ја уживаат слободата

Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека предметот е сè уште во предистражна постапка, па поради тоа на семејството не му е дозволен увид во списите. Од Обвинителството објаснија дека семејството има право да ги разгледа списите и предметите што служат како доказ по завршувањето на истражната постапка.

Обвинителството не одговори на прашањето зошто со месеци преметот се чувал во фиока, но објаснија што презеле по поднесувањето на пријавата,  а дадоа објаснување и зошто двајца обвинители работеле на случајот.

„Непосредно по смртта на пациентот, во Основното јавно обвинителство Скопје беше отворен предмет врз основа на извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Предметот беше распореден и по него почна да постапува еден јавен обвинител. Подоцна, кривична пријава преку законски застапник до Обвинителството достави и семејството на починатиот. Во согласност со распоредот за прием на кривични пријави, кривичната пријава од семејството беше распоредена кај друг јавен обвинител, но кога се утврди дека станува збор за истиот настан, целиот предмет беше споен и постапувањето го продолжи јавниот обвинител што првично постапуваше во предметот и кој веќе преземаше дејства, така што не е извршена никаква смена на јавен обвинител кој постапува во овој предмет. Во текот на целата постапка јавниот обвинител активно работи на прибирање вербални и материјални докази за утврдување на фактичката состојба“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Поради тоа што по смртта, по барање на семејството, на пациентот не му била направена обдукција, од Обвинителството велат дека побарале мислење од Институтот за судска медицина за тоа дали причинско-последичната врска на извршената лекарска интервенција со смртта на пациентот може да се утврди врз основа на медицинската документација. Институтот се изјаснил дека причинско-последичната врска не може да се утврди без извршена обдукција на починатиот. Го разгледале и вештачењето на медицинската документација нарачано од семејството, но утврдиле дека лекарот што утврдил дека има лекарска грешка не е лекар специјалист по судска медицина.

„Во насока на утврдување на фактите јавниот обвинител ги испита и подносителот на пријавата и пријавениот лекар што ја извршил интервенцијата. Во моментот предметот е во Вишото јавно обвинителство Скопје по поднесена претставка од семејството на починатото лице“, велат од Обвинителството.

Сопругата на починатиот вели дека семејството живее во агонија обидувајќи се да докаже лекарска грешка додека лекарите ја уживаат слободата. Незадоволна од односот на институциите, сопругата преку отворено писмо вчера апелира случајот да биде разрешен, а лекарите казнети, за да не се случи уште некој да почине од операција на хемороди.

Булент Ибрахим почина на 21 февруари лани, а беше опериран на 18 февруари во затворените хируршки сали на ПЗУ „Д-р мед. К. Митановски“. Го оперира докторот Ѕвонко Николовски од ПЗУ „Јанита“. Двете здравствени установи беа затворени по смртта на Ибрахим.

За одземање на лиценцата на хирургот, Лекарската комора пред шест месеци се изјасни дека ќе чека судот да утврди вина, а од Министерството за здравство сметаат дека презеле сè што е во нивна надлежност со тоа што им ги одзеле лиценците на ординациите во кои работел Николовски.

 

Би можело да ве интересира

И дале погрешен лек – почина тригодишно девојче по операција на крајници

А1он

ОЈО: Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

ОЈО доби ново одделение за сериозен и сложен криминал

Претреси за финансиски криминал на повеќе локации

Предраг Петровиќ