Внимателно управување со возилата на делницата Миладиновци – Куманово во двата правци препорачуваат од АМСМ, поради тоа што таму е во тек геодетско снимање и има работници присутни на терен. До крајот на месецов на државните патишта се забранува сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Оттаму додаваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
Забраната за деновите од викендот е во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток од 11 до 17 часот. За регулирање на сообраќајот и воспоставување на изменетиот режим, поставeнa e соодветна сообраќајна сигнализација.
На патните правци Гостивар – Охрид, Охрид – Ресен и Охрид – Свети Наум од 1 јули има ограничен режим на движење за тешки товарни возила над 7,5 тони. Ограничувањето на движењето е во петок од 15 до 24 часот, во сабота и во недела од 7 до 24 часот. Овој режим на движење ќе важи до први септември.
На сила е забраната за движење на тешки товарни возила на подрачјето на Скопје. Забраната важи од 10 до 20 часот и ќе трае се до први септември.
Поради оштетување на коловозот на патен правец Р-409 Маврово – Дебар во близина на Бошков мост сообраќајот се одвива во две ленти преку бајпас. Сообраќајот на сите останати државни патишта низ државата се одвива непречено, пo суви коловози.
На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата на македонската страна на премините.