Сообраќајот и водоснабдувањето – најчести граѓански приоритети на локално ниво

Од:

Средени улици, редовно водоснабдување, тротоари без возила. Населени места без улични кучиња и со осветлени улици. Повеќе градско зеленило, пешачки и велосипедски патеки, доволно паркинзи, а помалку расфрлeн отпад и преполни контејнери. Ова накратко се главните приоритети на граѓаните во локалните заедници, кои не се разликуваат многу од оние на локалните власти. Разликата е само во тоа што, наспроти општините, граѓаните сметаат дека реализацијата на приоритетите не оди со задоволително темпо.
Ова меѓу другото го покажаа мониторингот на реализацијата на граѓанските приоритети и интернет анкетите во шест општини: Штип, Струга, Крива Паланка, Свети Николе, Крушево и Демир Хисиар, спроведени од страна на НВО Инфоцентарот и партнерските организации, членки на Форумот за граѓански дијалог (ФГД): Гласен Текстилец од Штип, Младински културен центар – Битола, Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар на заедницата на Општина Струга. На мониторингот и интернет анкетите, им претходеше серија консултативни средби со граѓаните, во текот на 2021 и 2022 година, на кои беа детектирани клучните граѓански приоритети.

Мнозинството анкетирани граѓани од овие шест општини сметаат дека локалните власти во 2023 година, не преземаат доволно активности за реализација на граѓанските проблеми и приоритети.

Жедни за вода
Граѓаните на Струга, Штип, Крушево и Демир Хисар имаат заеднички проблем, а тоа е водоснабдувањето. Во Струга проблем е недоволната количина на вода за пиење во градскиот водовод, но и квалитетот на водата, додека во Штип проблем е старата, дотраена водоводна мрежа и недоволниот притисок во високите зони. Во Крушево потребна е реконструкција на водоводната мрежа, како и во Демир Хисар.

Повеќе од половината граѓани на Струга (51%) кои ја пополниле електронската анкета, одговориле дека општината не води сметка за водоснабдувањето и очекуваат поголем ангажман на општината. Од општината, пак, тврдат дека во текот на оваа година поставени се две нови водоводни линии во градот, една во делот на Стара Стружанка и една во индустриската зона.
„Претставниците на јавното претпријатие тврдат дека водата е чиста и може да се пие, освен во ретки случаи кога има обилни дождови и кога се заматува. Во тие случаи, Проаква навреме ги известува и алармира граѓаните преку социјалните мрежи и локалните медиуми. Во 2023 година, воведено е електронско плаќање на фактурите за вода“, пишува во мониторинг-извештајот.
Во Штип решавањето на проблемот оди етапно. Обезбедни се 1,2 милиони евра, но се смета и на парите од самопридонесот, кои стојат неискористени од осумдесетите години на минатиот век. Планирано е да се распише референдум за користење на средствата од самопридонесот и тоа, заедно со претстојните парламентарни избори (за да нема дополнителен трошок за општината). Општината ќе побара од граѓаните да се изјаснат дали се согласни, средствата од еден милион евра да се пренаменат за промена на водоводните линии кои се најприоритетни.

Мнозинството граѓани на Штип (71.8%) кои учествувале во интернет анкетата сметаат дека општината презема активности за реконструкција на старата водоводна мрежи, но 43.1% од нив сметаат дека тоа не е доволно. Мнозинството од анкетираните крушевчани сметаат дека локалната власт работи на подобрување на водоснабдувањето во општината, притоа 21% се изјасниле целосно позитивно, додека 34.4% сметаат дека преземените активности не се доволни. Во однос на изградбата на канализациска и водоводна мрежа, мислењето на анкетираните демирхисарци е поделено – 43.9% сметаат дека општината презема активности, но не доволно, 36.4% се изјасниле негативно, а 19.6% не знаат.

За штипјани, важни приоритети се, и хигиената, управувањето со отпадот и подобрувањето на работата на надлежните јавни претпријатија, рециклирањето на отпадот, доизградба на булеварот „Партизанска“ од АМД до населба Баби, повеќе паркинг места во централното градско подрачје, изградба на пречистителна станица за отпадни води, паркови, детски игралишта, подобрување на општинските услуги на граѓаните.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, очекува дел од овие приоритети да се решаваат со општинскиот буџет за 2024 година, за што добила потврда од општината.

„Општината Штип се обврза во периодот 2023-2025 да ги реализира приоритетите кои произлегоа од анкетите и форумите со граѓаните спроведени во 2021 и 2022 година. Сите тие се поголеми проекти и ќе се реализираат во етапи. Се планира нивно буџетирање и во наредните години. Пред крајот на годинава, ќе имаме јавен настан со граѓаните и локалните власти за да ни биде дадено на увид и образложено што е планирано и што ќе биде буџетирано за наредната година од овие дефинирани приоритети“, изјави Ампева.
Сообраќајот – заеднички проблем

Сообраќајот, сообраќајната инфраструктрура, сообраќајниот метеж и недоволниот број паркинг места се заеднички проблеми на граѓаните во сите општини.

Општина Свети Николе нема план кој ќе понуди решенија за сообраќајот и сообракајната инфраструктура, а во 2023 година нема преземено поголеми активности во насока на решавање на сообраќајните проблеми, покажа мониторингот на граѓанските организации.
Во градот има неколку паркинзи во централното градско подрачје, но тие не ги задоволуват потребите на граѓаните. Се’ уште нема ниту една обележана пешачка или велосипедска патека, а тротоарите најчесто служат како паркинг места. Во општината не е воведено зонско паркирање, откако пред неколку години овој процес беше прекинат. Ирина Поцкова од Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе вели дека поголемиот дел од приоритетите се исти со години и не се решаваат.
„Општината за 2024 година најавува реконструкција на неколку улици, но не е планирано решавање на проблемите во сообраќајот, како изградба на нови паркинг места и др. Најавено е и довршување на амфитеатарот на отворено, во новиот градски парк, но во програмата нема план за подобрување на комуналната хигиена и за тоа како ќе се управува со отпадот, што е исто така, граѓански приоритет“, вели Поцкова.

Во однос на реконструкцијата на улици и тротоари, како и јавни површини, во 2023 година, во општина Демир Хисар реализирани се неколку проекти, а и во Крушево се преземаат определени чекори.

Граѓаните на Крива Паланка, покрај проблемот со недостигот на паркинг простор, имаат потреба од јавен превоз. Високи 80,9% од испитаните кривопаланчани велат дека општинската власт не вовела локален превоз, а коментираат дека по 22 часот тешко е да се најде такси превоз.

Според Општината економските оператори не гледат исплатливост и економска оправданост за воведување локални линии. Исто така, и такси компаниите се соочуваат со недостиг од работна сила. Се размислува за воведување бесплатен превоз за граѓаните, барем двапати неделно, преку директен трансфер на средства на економски оператор.
Сумирајќи ги резултатите од мониторингот, Жаклина Цветковска од „Спектар“ вели дека граѓаните сметаат дека општината презема мерки за решавање на проблемите, но не доволно.

„За одредени прашања, како на пример, за локалниот јавен превоз и функционирањето на месните заедници, испитаниците знаат дека не се преземени никакви мерки, но дел од нив воопшто не се информирани. Општината генерално настојува да реализира што поголем број граѓански приоритети. Од форумскиот процес за 2024 година, прифатени се 40 приоритети во повеќе оперативни програми“, изјави Цветковска.

Во приоритетите на граѓаните на Крива Паланка се и потребата од селекција и преработка на отпадот, изградба на атмосферска и фекална канализација, изградба на стационар за бездомни кучиња, поголема поддршка за младите и ревитализација на месните заедници.

Локалните власти во служба на граѓаните
Според Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот, локалните власти треба да се постојано во служба на граѓаните. Треба да ги вклучуваат и да ги препознаваат нивните проблеми и приоритети. А од друга страна, граѓаните очекуваат да бидат слушнати и нивните приоритети да бидат вградени во годишните програми и буџетите на општините.
Но најважно од се’ е тоа што граѓаните очекуваат локалните власти да го реализираат она што е планирано и ветено. Затоа, општините треба да бидат отчетни и континуирано да ги информираат граѓаните до каде е реализацијата на секој од граѓанските приоритети, како и да ги соопштат причините заради кои некои од приоритетите не се спроведуваат или пак, се доцни со нивната реализација. Граѓаните и граѓанските организации, пак, треба активно да ја следат работата на локалните власти и степенот на реализација на граѓанските приоритети, затоа што, граѓанскиот притисок е ефикасен начин локалните власти да бидат будни и да одговорат на потребите и очекувањата на граѓаните. Само на таков начин, локалните власти навистина ќе се грижат за проблемите и приоритети на граѓаните.

Авторка: Весна Коловска
Прилогот е подготвен во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“, спроведуван од НВО Инфоцентарот, а со поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Би можело да ве интересира

Свесноста – најважна алка во заштита на приватноста и на личните податоци

Катерина Ѓуровски

Нема успешни локални политики без вклучување и учество на граѓаните

Катерина Ѓуровски

НВО Инфо: Локалните власти да ја зајакнат транспарентноста при трошење на државните пари

Ана Ололовска

НВО Инфоцентар: Случајот Мавровка – потврда за потребата од итни реформи и создавање ефикасен, некорумпиран општински инспекциски надзор

Ана Ололовска

Граѓаните не знаат каде и како можат да му се обратат на Народниот правобранител

НВО Инфоцентарот бара одговорност за нарачателите и спроведувачите на неоснованите истраги против граѓанските организации

Наум Локоски