Сообраќајните правила во Охрид се кршат од сите учесници

Од:

Полициската станица за безбедност во сообраќајот при СВР-Охрид деновиве вршеше интензивен мониторинг и анализа на состојбата во сообраќајот со теренски увид на повеќе сообраќајници низ градот и заклучи дека од сите категории учесници во сообраќајот има низа прекршоци, неправилности, непочитување на сообраќајните правила, прописи и на сообраќајната сигнализација.

Според полицијата, пешаците не ги користат тротоарите и не се движат по другите површини наменети за нив, коловозите често ги минуваат на необележани места и далеку од обележаните пешачки премини, прескокнуваат огради преку средишниот дел на булеварите.

Чести се и прекршоците од велосипедистите кои ретко ги користат патеките наменети за нив. Тие се движат по коловозните ленти, по тротоарите или управуваат велосипеди во спротивен правец и низ еднонасочни улици.

Бројни прекршоци во сообраќајот прават и возачите на патнички и товарни моторни возила, како и возачите на такси-возилата. Неправилно и непрописно паркирање и запирање, попречување на нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, примање патници не водејќи доволно грижа за местата на коловозите каде застануваат и за безбедноста на патниците, се само дел од прекршоците регистриани од полицијата.

Возачите на возилата не ги почитуваат сообраќајните прописи за ограничување на брзината, неправилно се паркираат по коловозите низ градот, посебно во централното градско подрачје, непрописно се престројуваат и непотребно се задржуваат на одредени места на коловозот.

За безбедно одвивање на сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, Полициската станица за безбедност на сообраќајот – Охрид презема засилени мерки за надминување на овие состојби, најавувајќи секојдневни сообраќајни патроли низ градот. Покрај превентивни, тие ќе преземаат и казнени мерки кон сите учесници во сообраќајот кои ќе ги прекршат одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според полициското соопштение, подигнувањето на степенот на безбедност за сите учесници во сообраќајот е основна обврска на сообраќајната полиција. Мерките за поголема безбедност во сообраќајот ќе бидат континуирани и постојано спроведувани кон сите категории учесници, информираше СВР – Охрид.

Би можело да ве интересира

ЦУК: Поплавени подруми и гаража во охридско од поројниот дожд

Најмногу дожд во Охрид во изминатите 24 часа

Почина седумесечно бебе во болница во Охрид: Паднало од кревет во домот во Вевчани

Орце Костов

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски