Откако на тројцата професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски од Економскиот факултет при „Универзитетот Гоце Делчев“ во Штип, не им беше уважено мислењето на рецензентската комисија и наставничкиот совет ги избрка од работа, а потоа им беше ускратено и правото на штрајк во просториите на факултетот, денска Синдикатот на вработените во наука, образование и култура излезе со став дека грубо е прекршен Уставот кој гарантира право на штрајк и ги осудува постапките на Деканатот на Еконмскиот факултет во Шип.
Професорите на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ Шајноски, Матлиеска и А Костадиновски, веќе четврти ден штајкуваат со глад. Ова е првиот штрајк со глад на професори во историјата на независна Македонија, но ниту министерот за образование, ниту ректорот на универзитетот, ни деканот досега не покажаа интерес да ги посетат професорите. Еве го извештајот од вонредната седница на СОНК:
„Претседателството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, на вонредната седница одржана денеска во просториите на Регионалниот одбор на СОНК – Штип, на која присуствуваа и тројцата професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а кои се четврти ден во штрајк со глад, врз основа на поширока направена анализа, ги усвои следниве Констатации и заклучоци:
1. Претседателството на СОНК констатира дека е направено грубо кршење на член 38 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира правото на штрајк, од страна на одговорни органи на Економскиот факултет и на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, со (грубо) отстранување на тројцата професори од просториите на Економскиот факултет во Штип на 11-07-2014 година.
Исто така, направени се груби прекршувања на повеќе членови од Законот за работни односи, во делот на синдикалното организирање и слободата на синдикална активност.
2. Претседателството на СОНК констатира дека државните органи, особено Државната просветна инспекција и Државната трудова инспекција, покажаа неприфатлив инертен однос во врска со нивните надлежности со споменатиот случај и покрај навременото писмено известување и од страна на раководството на СОНК.
3. Претседателството на СОНК констатира дека потесното раководство на СОНК навреме и целосно ги презело сите активности, согласно законите и Статутот на СОНК, со навремено известување на надлежните државни органи, како и со обезбедувањето на просториите на Регионалниот одбор на СОНК за користење од страна на тројцата универзитетски професори кои се во штрајк со глад, а по нивното грубо отстранување од просториите на Економскиот факултет, каде што имаат уставно и законско право да го изведуваат штрајкот.
Врз основа на погоре наведените констатации, Претседателството на СОНК ги усвои следните заклучоци:
1. Државната просветна инспекција и Државниот трудов инспекторат веднаш да ја утврдат фактичката состојба во врска со основаното сомнение дека се направени повеќе прекршувања во постапката и донесувањето на одлуката од страна на Наставничкиот совет при УГД Штип, која е директна причина за стапување во штрајк со глад на универзитетските професори Маргарита Матлиевска, Крсто Шајноски и Александар Костадиновски.
2. Трудовата инспекција бараме да утврди која е причината поради која тројцата професори се уште немаат добиено писмен документ, иако Наставничкиот совет одлуката ја има донесено на 7-07-2014 година ?!!!
3. Трудовата инспекција бараме да ја утврди конкретната одговорност за отстранувањето на тројцата професори од Економскиот факултет, со цел да бидат спречени да го одржат најавениот штрајк и да се покрене соодветна постапка, утврдена со закон.
4. Го повикуваме Народниот правобранител, согласно неговите надлежности, веднаш и во целост да направи согледување на овој случај.
5. Претседателството бара од потесното раководство на СОНК да ја разгледа можноста, во случај на не реализирање на претходниве заклучоци, да донесе одлука, а по основ на солидарност, за приклучување со штрајк со глад на Претседателството на СОНК.
6. Претседателството бара Претседателот на СОНК да оцени дали е потребно свикување на вонредна седница на Советот на СОНК, како и известување и барање на поддршка од Интернационалата за образование и другите меѓународни асоцијации, надлежни за работничките права.
7. Претседателството на СОНК најостро ја осудува изјавата на Деканот на Економскиот факултет во Штип, дадена за средствата за јавно информирање, дека не дозволил одржување на штрајк со глад, бидејќи факултетот на бил детска градинка!!!
Бараме Деканот итно да се извини за оваа изјава и тоа преку средствата за јавно информирање.
Претседател, Јаким Неделков“.