СОНК и МОН на иста страна за наставниците, на различна за штрајкот

Од:

Ако почетокот на второто полугодие во јануари беше неизвесен поради ширењето на малите сипаници или загадениот воздух во големите градови, стартот на новата учебна 2019/2020 година за 260 илјади средношколци и основци, меѓу кои 20 000 првачиња, е доведен во прашање од СОНК.

Синдикатот за образование, наука и култура вчера соопшти дека ја активира одлуката донесена на 23 август да организира предупредувачки штрајк на првиот училишен ден (2 септември) и наставата да почне наредниот ден (вторник) зашто во изминатата недела со МОН не постигнале заемно прифатливо решение околу платите на наставниците.

СОНК: Платите на наставниците да се усогласат со минималната плата

СОНК не се согласува со 5 отсто покачување на платите, кои наставниците ќе ги добијат со платата за септември, и бара да бидат повисоки за онолку проценти за колку што е зголемена минималната плата во државата, односно до 25 отсто. СОНК очекува преговори со МОН до крајот на месецов за да се усогласат, а ако нема напредок можно е да организира генерален штрајк.

-Нашиот синдикат ќе штрајкува. Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште, рече Неделков, додавајќи дека не е нивна надлежност да укажуваат или апелираат до родителите дали да ги пуштат децата на училиште. Но која е причината, рече, да ги пратат на училиште кога ќе нема кој да ги прифати. Додаде и дека СОНК нема да биде одговорен за евентуални последици по здравјето и безбедноста на учениците што ќе дојдат на настава.

Ресорниот министер Арбер Адеми, пак, ги повика директорите и наставниците да се подготват за денешниот прв училишен ден, затоа што, како што рече, едукацијата на учениците не треба да има застој, а особено не треба да се дозволи разочарување на првачињата кои првпат ќе седнат во училишните клупи.

На прес-конференција тој порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и материјалниот статус на наставниците. Притоа нагласи дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците, а доказ за тоа, рече, е што за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања од по 5 отсто лани и оваа година во септември.

-Со СОНК сме на иста страна кога се рабиоти за материјалниот статус на наставниците за кои предвидовме и кариерен развој и унапредувања со новиот Закон за наставници и стручни соработници. Но нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата, рече Адеми, додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот ќе се знае и за можностите за идно покачување на платите.

Заев: Не разочарувајте ги учениците на првиот училишен ден

Најавата на СОНК за штрајк беше и во дискусиите на опозициските пратеници на собраниската седница на која викендов беа избрани нови членови на Владата. Тие обвинија за ниски плати во образованието, а премиерот им одговори дека тие се зголемуваат и би биле поголеми доколку владата не морала да враќа долгови. Заев ги повика наставниците да не ги разочаруваат учениците со штрајк на првиот училишен ден кога ќе ги добијат и новите 5 проценти повисока плата.

-Тие се учители на нашите деца и треба да се на настава. Секако, правото на штрајк ќе го почитуваме. Верувам дека овие денови синдикатот ќе продолжи да разговара со министерот за образование, стојам и јас на располагање. Желбата кај нас постои. Сè што можеме ќе направивме. Можевме наместо да плаќаме огромни долгови што ги наследивме, да делиме повисоки плати, истакна Заев.

Во образованието во 2018 година, рече, платите се зголемени за 5 отсто, а од 1 септември 2019 за нови 5 отсто, што, рече, кумулативно е 11 отсто.

-За 11 години немате толку зголемување на платите. Во 2017 затекнавме 20.500 денари плата. Потоа таа стигна 21.600 со покачување и сега со ова зголемување ќе биде 22.800 денари. Продолжуваме и натаму да изнаоѓаме ресурси за зголемување на платите, истакна претседателот на Владата завчера од собраниската говорница.

Новата учебна година со нов Закон за основното образование

Новата 2019/2020 почнува со нов закон за основното образование кој се подготвуваше уште од почетокот на 2018 година, а беше изгласан на 30 јули.

Според предлагачот – Министерството за образование и наука, новиот закон ќе го подобри квалитетот на наставата и воопшто на воспитно-образовниот процес, зашто им дава повеќе можности на учениците особено на тие што се со посебни образовни потреби. Новини во законот има во организирањето на учениците во Заедница на паралелка и Ученички парламент, исхраната на учениците, воведувањето стручни наставници за предметот спорт, елиминација на политичко влијание во училишните одбори, намалување на бројот на ученици во паралелки (од 20 до 30), саботи слободни од обврската да се одработуваат пропуштени наставни денови, кариерен развој на наставниците…

Бројот на часови не се намалува зашто МОН ги слушало препораките на ОЕЦД и УНИЦЕФ чии анализи покажале дека македонските ученици имаат 900 часови помалку или една и пол година помалку образование од нивните врсници во европските земји. Покрај тоа, покажуваат и слаби резултати на меѓународни тестирања.

Меѓу најзначајните новини е инклузијата на учениците со посебни потреби во редовното образование. Законот предвидува нивно целосно вклучување од учебната 2022-2023 година кога посебните училишта повеќе нема да запишуваат ученици и тие установи ќе прераснат во основни училишта со ресурсни центри кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

Неделков: Вработените во Зоолошката постапиле согласно протоколите, на сметка на тоа се јавно линчувани

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Јаневска: Зголемување на платите за пет отсто ќе добијат и другите кадри во образовниот систем