Пратениците со 63 гласа „за“, осум „против“ и без ниту еден воздржан попладнево во рамки на 130 седница ја избраа Соња Трифуновска за заменик на Народниот правобранител, која ќе работи во Скопје.
Власта и опозицијата имаа спротивставени ставови за предлогот Трифуновска, дипломиран правник од Тетово, да биде заменик на Народниот правобранител.
Координаторот на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека СДСМ сака и во институцијата Народен правобранител да инсталира свои кадри и да фрли дамка на работењето. Посочи дека Соња Трифуновска е член на Правната комисија на СДСМ и член на Форумот на жени на СДСМ. Обвини дека владеењето на правото е на најниско ниво и ги повика пратениците добро да размислат дали треба и во оваа институција да се дозволи целосна партизација.
Апелираше Соња Трифуновска да не биде избрана за заменик-народен правобранител и да се даде можност некое друго стручно лице да се јави на овој оглас и институцијата Народен правобранител да остане заштитник на правата на граѓаните.
Народниот правобранител Иџет Мемети посочи дека е негово правото да предлага заменици пред Собранието. Ги информираше пратениците дека од тројца кандидати, само двајца ги исполнувале условите, а еден од нив е Трифуновска.
Собранието попладнево во рамки на 130-тата седница изгласа закони од повеќе области. Пратениците дискутираа за Предлог – законот за изменување на Законот за јавните собири, во прво читање и заклучија дека е прифатлив и може да се даде на натамошно, односно второ читање. За овој Предлог-закон гласаа 51 пратеник, а немаше воздржани и против.
Со Законот за јавните собири се уредуваат начинот на остварување на правото на граѓаните на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест, како и случаите кога ќе се прекине одржувањето на јавен собир. Основната цел поради која се предлага изменување на Законот за јавните собири е усогласување на Законот за јавните собири со новиот Закон за прекршоците, во делот на прекршочните одредби, односно глобите.
Во предложениот закон се врши интервенција во членовите 9 и 10 од Законот за јавните собири во насока на намалување на глобите за физички лица, како и усогласување на глобите за правните лица и одговорните лица во правните лица (мали, микро, средни и макро трговци) со предвидените глоби во новиот Закон за прекршоците и бришење на членот 10-в.
Пратениците расправаа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија, Предлог-законот за изменување на Законот за таксата за привремен престој, Предлог-законот за изменување на Законот за угостителската дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за угостителската дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за индустриската сопственост, сите во прво читање.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев изрази жалење што ова парламентарно мнозинство во изминатите три години вкупно продуцираше 300 закони, а сега во две недели или за десетина или 20-тина дена нови 300 закони.
– Тоа кажува дека голем број закони не се подготвени онака како што треба. За голем број закони не е направена потребната анализа, за огромен број закони немаме направено компартивна анализа и за голем број закони во ова Собрание многу често не се води сметка и за последиците кои може да ги предизвикаат, рече Ѓорчев.
Собранието ќе продолжи со работа по дневниот ред на 130-та седница утре во 12:30 часот.