ЛД Солидарност упатува најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на загинатите припадници на МВР и цивилите при вчерашните престрелки во Куманово! Воедно, изразуваме целосна поддршка за граѓаните на Куманово! Кумановки и Кумановци, издржете, со вас сме!
Вчерашниот ден беше тежок за сите нас. Недостатокот на официјални информации за состојбата на терен ги зголеми шпекулациите и чувството на немоќ и страв меѓу граѓаните. Затоа, апелираме до надлежните институции да излезат со официјален број на повредени и загинати граѓани, а до медиумите, особено јавниот сервис, да известуваат навремено, професионално и непристрасно.
Повторуваме дека полициските службеници не се наши непријатели како што ние не сме нивните. Ние жалиме што нивните брутални наредбодавачи ги тераат да стојат наспроти својот народ во Скопје; ние сме згрозени од тоа како беа жртвувани во Куманово! Полициските службеници се наши сограѓани, врсници, деца на работници и селани, и ние стоиме во солидарност со нив!
ЛД Солидарност погласно од кога било бара итна оставка од Владата на Никола Груевски, која го осиромаши, понижи и разедини народот, ја укина демократијата, воведе медиумски мрак, а сега не прави ништо за да ги разбие сомнежите дека случувањата во Куманово се дел од некакво мрачно сценарио за сузбивање на масовните антивладини протести!
Токму заради можноста од вакво мрачно сценарио, ние ги повикуваме граѓаните денеска наместо на протест, да излезат на мировен, солидарен собир и дискусија во 18 часот во Градски Парк пред Школка за да разговараме со граѓаните за идните форми на движењето. Најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре!
Секојдневно бараме правда за сите! Правиме сè што можеме Македонија да прерасне во зрело демократско и социјално праведно општество! Продолжуваме да бараме слобода, правда и мир!