Солидарност: Борбата против малигниот груевизам во општеството мора да продолжи!

Од:

Договорот кој во вторникот зад затворени врати го постигна политичкиот естаблишмент на Македонија во посредство на европските делегати, за нас, членството на ЛД Солидарност значи само едно: борбата против малигниот груевизам во општеството мора да продолжи!

Договорот не претставува никаков демократски исчекор. Напротив, тој се коси со стремежот на Република Македонија да биде демократска и социјална држава и ги негира идеалите за кои се залага медијаторот на процесот, Европската Унија.

Најзагрижувачки е што го занемарува големото тивко мнозинство кое не се приклонува кон ниедна од четирите партии и кое не беше претставено на преговорите, а ќе трпи најголеми последици од нивниот исход.

Во периодот пред договорот, партиската опозиција, претставена од СДСМ на
преговарачката маса, успешно придонесе кон задушувањето на самоорганизираниот
народен отпор кој имаше за цел итна оставка и одговорност на власта и длабинска
општествена промена. Наместо за уривање на отчовечената власт, тие и нивните
партнери се одлучија за стратегија на искористување на револтот од 5 мај за зајакнување на своите преговарачки позиции. Залогот беше преголем, а исходот катастрофален.

Според несреќниот договор, во периодот до изборите Груевски ќе ги има истите
институционални и вонинституционални механизми и ресурси за фабрикување на
мнозинство во негова поддршка, ќе може и понатаму да ја разорува економијата, да го навредува здравиот разум преку добро подмачканата пропагандна машина, а последните сто дена пред изборите ќе има шанса и да номинира свој сурогат за наследник.

Истовремено, остануваат под знак прашалник проблемите со кои се соочува големото
мнозинство кое останува надвор од исклучувачкиот преговарачки круг на ВМРО­ДПМНЕ,
ДУИ, СДСМ и ДПА. Македонија е економски и социјално опустошена земја, која на луѓето им нуди несигурен живот, сиромаштија и голема и долга безнадежност.

Политичките елити во независна Македонија не понудија никаква програма која би ја придвижила замрената економија. Од петни жили настојуваат да нѐ претворат во депонија на евтина работна сила со незаштитени и неорганизирани работници. Во Македонија речиси секоја недела по некој работник и работничка го губи животот на работното место. Голем број наши сограѓани и сограѓанки, а особено младите, живеејќи без дигнитет и надеж за подобро утре, се приморани да заминат од оваа земја. Доколку не сакаат да скапуваат по ходници чекајќи вработување и да молат партиски чауши за милостина, ништо друго и не им преостанува. Тоа се вистинските проблеми за чие решавање странските дипломати немаат мандат, а елитите докажаа дека немаат капацитет, ниту политичка волја.

Тие проблеми се наш главен мотив заради кој го дигнавме гласот и излеговме на улиците.

Нашата борба за социјална правда, еднаквост и слобода за сите е многу подолготрајна од долгите вторнички преговори и има за цел многу поголема промена од онаа испишана во договорот склопен зад затворени врати. Затоа повикуваме на обединување на прогресивните општествени сили и сите самосвесни поединци и поединки за продолжување на отпорот кон политиките на Груевски и неговата влада, како и кон секоја наредна влада која ќе владее на ист начин.

Продолжуваме да чекориме заедно со народот, граѓаните и граѓанките на Македонија!
Нема правда, нема мир!

Ќе победиме!

Би можело да ве интересира

Џафери не ја стави на гласање Декларацијата на Левица за Палестина оти не била преведена на албански

Орце Костов

Амандманска расправа за законот за данок на солидарност

„Солидарност“ демантира дека ќе се вклучи во формирање партија

Ана Ололовска

Солидарност: Власта е соучесник во експлоатацијата на работниците

Ана Ололовска

ВИДЕО: Николче ништо не прифаќаме ако ти останеш премиер

Емир Латифовиќ

„Солидарност“: Улицата е сечија, граѓаните се единствени и свои!

Ана Ололовска