Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи шестата седница со расправа по Предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлески која се сведе на процедурални забелешки по барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дебатата за оваа точка да се стави во мирување.
На почетокот од седницата процедурално се обрати Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој се повика на членот 8а од Изборниот законик според кој со потпишувањето на одлуката за распишување локални избори не може да се започне постапка за вработување или разрешување лица со државна функција. – Вие сте должни да го почитувате законот и постапката која ја водиме да ја ставите во мирување, рече Димовски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека Собранието нема никаква пречка да продолжи со дебатата за евалуација на процесот, кој е започнат.- Собранието Формално-правно не зависи од никаква постапка или процедура, ниту која било друга власт. Затоа ние ќе продолжиме со расправа. Според вас, Собранието треба да стави клуч и до 16 октомври да седиме дома. Законот не не попречува и не може да биде пречка за работа на Собранието, рече Џафери.
На тоа Џафери истакна дека Собранието ќе продолжи да работи согласно Деловникот, а Димовски го упати да побара толкување за одредби од Деловникот до надлежната комисија.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, процедурално се повика на документ од претходната техничка влада со толкување од Антикопрупциска комисија кој се однесува на работата на Владата во врска со дилемата за разрешување односно именување функционери во случај по распишување избори, според кој, од денот на распишување на избори до завршување на избори постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат директори на државна управа и други државни институции освен во случаи каде нивниот мандат е завршен при што може да именува вршител на должност.
Тој побара пауза за да се консултираат законските норми по ова прашање.
Спикерот Џафери истакна дека во овој случај не се работи за техничка влада туку за Собранието, а тоа ја има надлежноста за избор и разрешување. – Јас ја спроведувам нормата и затоа свикав продолжување на седницата, рече Џафери и даде половина час пауза.
По кусата пауза продолжи процедуралната дебата на која беа повторени барањата од ВМРО-ДПМНЕ, но и ставот на претседателот на Парламентот Џафери дека собраниската седница треба да продолжи.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ пратеникот Томислав Тунтев рече дека со процедуралните дебати опозицијата се обидува да ја одолговлечи работата на Собранието, користејќи го како мотив распишувањето на локалните избори. Тој ја повика опозицијата да се откаже од дебатата и да овозможи спроведување на реформските процеси.
– Откажете се почитувани пратеници од опозицијата од сите овие пријавени дискутанти и реплики и докажете дека верувате во тоа дека не треба да има дебата…Дебатата не може да е дел од постапката и заради тоа ве повикувам да ја прекинеме оваа дебата, ова несовесно неразумно одоговлекување на оваа седница и да се откажеме сите од дебата. Ние имаме многу да зборуваме, но во интерес на започнување на реформските процеси, дајте да започне процесот за избор на нов обвинител онака како што предвидува законот, рече Тунтев.
По процедуралната дебата на која беа повторени спротивните ставови, спикерот Џафери даде пауза на барање од Димовски и продолжението на седницата го најави за 15 часот.