Собраниската Комисија за образование, наука и спорт на денешната втората седница едногласно го усвои Извештајот на ректорот за работата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за периодот од 16 септември 2015 до 15 септември 2016 година.
Извештајот пред членовите на Комисијата го образложи актуелниот ректор Никола Јанкуловски.
Членовите на Комисијата дебатираа за форматот на извештајот и потребата од создавање урнек, за кадровската политика и средствата за нови кадри и програми, за автономијата на Универзитетот и за студентските избори, како и за тоа дали има потреба и до каде е новиот Закон за високо образование.
Пратеничката Ирена Стефоска од СДСМ во однос на извештајот рече дека тој сумарно ги содржи сите проекти, но без никаква аналитичка компонента и посочи дека не содржи информации за тоа до каде е Законот за високо образование.
Пратеникот Зеќир Рамлиловиќ од коалицијата „За подобра Македонија“ рече дека извештајот во најголем дел ги исполнува условите и ги содржи сите податоци со цел да се добие една слика за работата на УКИМ, но дека недостига компаративна анализа со претходните години.
Пратеничката Ивана Туфехџиќ забележа дека во извештајот не е содржана работата на Комисијата за истрага на случувањата поврзани со студентските избори, како и за упадите во автономијата на Универзитетот.
Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не се согласува со тоа дека е извршен упад во автономијата на Универзитетот, туку дека бил направен обид да се овозможат законски предуслови за негов раст и посочи дека Универзитетот во иднина треба да се вклучува во тековните јавни случувања во општеството и да дава мислење и научна димензија за нив.
Ректорот Никола Јанкуловски ги прифати како конструктивни сите забелешки насочени кон содржината и форматот на извештајот и додаде дека за остварување на 90 проценти од нив се потребни финансии.
На денешната седница беа поканети и претставници на Студентскиот парламент, Студентскиот пленум, Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат.
Пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, на почетокот на седницата во процедурална забелешка побара во иднина членовите на Комисијата да бидат известени дека ќе бидат поканети надворешни претставници и побара 15-минутна пауза на која ќе им биде доставен извештај за тоа како и кој се е поканет да присуствува на седницата.
Претседателот на Комисијата Петар Атанасов рече дека се држи до Деловникот на Собранието на РМ, каде согласно член 122, став 2 работното тело може на седницата да поканува научни, стручни и јавни работници и претставници на општини, јавни претпријатија, синдикати и други организации и институции поради изнесување на мислења по прашања кои се разгледуваат на седницата.
По паузата пратеникот Чедомир Саздовски побара одложување на седницата и да им се даде правото и тие да поканат претставници од релевантни институции и организации да присуствуваат на следната седница.
Претседателот на Комисијата барањето го стави на гласање, и тоа беше одбиено со седум гласа против, по што продолжи расправата по дневниот ред.
Комисијата продолжува со работа во четврток, кога ќе бидат разгледани извештајот за работата на ректорот на битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски” за академската 2015/2016 година и извештајот за финансиското работење за 2016 година на универзитетот, како и годишниот извештај за работата на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип за 2015/2016 година.