Собранието попладнево на 21. седница ги поддржа во прво читање измените на Законот за минимална плата во Република Македонија. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека со нив ќе се надмине проблемот на недореченост во првичниот закон од 2012 година зашто ќе се утврди почетокот на периодот кој е обврска за работодавачите да исплатат зголемена минимална плата.
– Со овие измени прецизираме дека зголемувањето на минималната плата во РМ започнува од првиот месец наредната година, односно од 1. 01. 2015 година, при што за сите индустрии ќе изнесува 9.590 денари, а во трудоинтензивните дејности 8.050 денари. Исто така, го менуваме и начинот на санкционирање на компаниите кои нема да исплатат минимална плата согласно законот. Дефинираме постапка кога Трудовиот инспекторат ќе утврди дека некој работодавач не ја исплатил минималната плата, со решение ќе се задолжи во рок од 7 дена да ја исплати. Ако тоа не го стори, инспекторот има обврска да изрече прекршок со глоба од 8.000 до 9.000 евра, а доколку работодавачот го повтори прекршокот во рок од една година, инспекторот ќе изрече забрана за работа во период од 15 дена при што работодавачот ќе биде обврзан да исплати минимална плата и да плати глоба од 9.000 до 10.000 евра, рече Спасов.
Додаде дека е значително зголемувањето на минималната плата – од година во година во просек од 9 до 10 проценти.
Пратеникот Павле Трајанов сугерираше Владата во соработка со синдикатите и невладините организации да направи сеопфатно истражување кој е минималниот износ што ќе ги задоволи основните животни потреби на едно четиричлено семејство.
– Добро е што се дефинира минимална плата, но сетам дека таа е многу ниска стартна основа за определување на другите, повисоки плати, особено на странските компании кои влегуваат со огромни бенефиции во РМ, а не водат сметка за квалитетот на работата, профитот што тука го влечат, дефинираат многу ниска плата. Затоа можеби треба уште еднаш во догледно време да се направи сеопфатна анализа и да се дефинира износот на минималната плата која ќе ги покрива елементарните потреби на секое семејство, рече Трајанов.
Пратениците во попладневниот дел од денешната седница ги поддржаа во прво читање и измените на Законот за социјалната заштита, со кои ќе се обезбеди континуитет во зголемувањето на социјалната парична помош и на постојаната парична помош.
Министерот Диме Спасов соопшти дека донесувањето на измените ќе овозможи зголемување на двата вида помош за 5 проценти со јунската исплата, од јули 2015. Покачување ќе добијат околу 35.000 корисници на социјална парична помош и околу 5.800 корисници на постојана парична помош. За таа цел во буџетот се планирани 56.200.000 денари.
– Од 2006 до 2013 година социјалната парична помош е зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за околу 46 отсто, истакна Спасов.
Вториот аспект на измените, рече тој, се однесува на воведување здрава исхрана во домовите под надлежност на МТСП за згрижување стари лица, деца без родители или за доенчиња. Министерството ќе воведе нормативи и стандарди за здрава и витаминска исхрана на корисниците, со дефинирање сезонски листи на јадења во институциите за социјална заштита и унифицирање на видот на храната. Со измените на Законот се дефинираат и условите за стекнување лиценца за стручно лице во тие установи.