За денеска во 11 часот е најавен почетокот на собраниската седница на која најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев.
Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.
На седницата, како што е предвидено во Деловникот за работа на Собранието, по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218 од Деловникот. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Во образложението на Иницијативата, меѓу другото, се наведува дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот. Наместо да го сочува достоинството на државата и нејзините граѓани, тие за секој одминат ден се повеќе го потонуваат народот во сиромаштија, непрекинат раст на инфлацијата и афери кои се мултиплицираат на дневна основа. Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните што се виде на локалните избори, коишто всушност беа референдумско изјаснување против сегашната влада и нејзините политики“.
Според предлагачите на Иницијативата, останувањето на оваа влада без кредибилитет и јасна мнозинска поддршка од народот и без план за решавање на напластените проблеми, ќе значи само продолжување и продлабочување на политичката криза надополнета со еконоската криза, енергетскиот шок, ковид тенденциите кои се загрижувачки.
Карактеристично за денешната собраниска седница за гласање доверба на Владата е и тоа што, според довчерашните најави, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелика Петкова, кои се во изолација, на седницата ќе присуствуваат во скафандери бидејќи се позитивни на Ковид-19.
Седниците не се одржуваат во пленарната сала поради надградба на системот за гласање туку во салата со Купола каде што има можност пратеници болни од Ковид-19 да бидат изолирани и да гласаат. Ова ќе биде втор пат вака пратеници да гласаат во Собранието.