Во Собранието денеска на пладне треба да продолжи дебатата за реконструкцијата на Владата, со која во владината коалиција влегува Алијансата за Албанците, која има осум пратеници, а излегуваат Алтернатива и како што синоќа најави и Демократскиот сојуз.
Пратениците во рамки на 104. седница треба да продолжат со расправата по точката за Предлогот за разрешување на тројцата министри од редовите на Алтернатива, Беким Сали за здравство, Адмирим Алити за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора. Претходно, на друга седница Собранието ги констатира оставките на министрите за правда и за животна средина и просторно планирање, Никола Тупанчевски и Насер Нуредини, како и на замениците министри за правда и за здравство, Агим Нухиу и Владимир Рендевски.
На дневен ред на 104. седница се и Предлогот за избор на членови на Владата, Предлогот за разрешување на заменици на министри и Предлогот за именување на заменици на министри.
За нови министри, премиерот ги предложи Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, тројцата од редовите на Алијансата за Албанците, како и Каја Шукова од СДСМ за животна средина и просторно планирање.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера го образложи својот потег посочувајќи дека како држава ни треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, мнозинство кое ќе овозможи да се одблокираат важни закони за граѓаните без да мора да чекаат на опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се повредни од нивните дневно политички интереси.
Тој посочи дека во изминатиот период разговарале и за останување на Алтернатива и за влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата и оти АА ја прифатила одговорноста за поддршка на европскиот фронт.
Во дебатата пратеничката Сафије Садики Шаини од Алтернатива, партија која излегува од владината коалиција, истакна дека тие на партиски состанок донеле став да дејствуваат како опозиција и оти тоа е завршена тема за нив.
Пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи го говорот на премиерот Ковачевски рече дека тој бил без суштина и со многу флоскули, а влезот на еден и излегувањето на друг коалициски партнер го поистовети со „политичка корупција и проституција“. Праша како АА ќе се бори против ДУИ ако се во иста Влада и посочи дека со тоа изборите губат смисла. Николовски рече дека ваков претседател на АА, Арбен Таравари не познава и праша дали се работи за уцена и дали цената е една убава куќа во Тафталиџе, која тој ја добил на подарок.
Тој посочи дека Таравари победил во Гостивар благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и дека нелогично е што наместо во Гостивар каде е градоначалник, тој купува куќа во Скопје.
Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ останале сами, нервозни, дека прво од нив си заминал градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, па скопската градоначалничка Данела Арсовска, па Алијансата за Албанците. Според него, 13.02.2023 година е нов пораз на Мицкоски, кој нема зголемено парламентарно мнозинство, ниту избори.
По завршувањето на вчерашната собраниска расправа за владината реконструкција, лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов на прес-конференција соопшти дека партијата решила да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и повеќе да не е дел од парламентарното мнозинство,.
Врз основа на целокупната анализа на денешните седници на претседателството на Деморкатски сојуз и Централниот совет, партијата одлучи да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство.
Инаку, засега е неизвесно до кога ќе трае заседанието за реконструкција на Владата, од причина што според собранискиот Деловник, за разрешување на министри се предвидува седница за која времето за дискусија не е ограничено.
Според член 221 од Деловник, Предлогот за разрешување на член на Владата, претседателот на Владата го поднесува во писмена форма до претседателот на Собранието и може да го образложи. По предлогот за разрешување на член на Владата, Собранието одлучува на првата наредна седница.
– По предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 минути, се посочува во членот 221 од собранискиот Деловник.