Собранието попладне ќе расправа за измените на Законот за медиуми и на Изборниот законик

Од:

Собранието на Република Македонија денеска на 83. седница одлучи по скратена постапка да се донесат  предложените измени и дополнувања на Изборниот законик и на законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за рурален развој

Седницата ќе продолжи попладне во 16 часот по заседанијата на матичните комисии, за транспорт, врски и екологија, за политички систем и за земјоделство што треба да се одржат во меѓувреме, најави претседателот на Собранието Талат Џафери.

Со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се врши усогласување на рокот за усогласување на финансискиот план на МРТ со измената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од декември 2018 година и се дава одложна примена на обврските на операторите за регистрација на странски и домашни програмски сервиси. Со членот 3 се определува и рокот за усогласување на веќе започнатото рекламирање на приватните станици и МРТ, поради веќе склучени договори за рекламирање, а и се додава уште еден нов член за одложна примена на правилата за обврските на операторите за регистрација на странски и домашни програмски сервиси.

Како што образложи пратеникот од СДСМ Диме Велковски, за спроведување  на законот не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот на РМ.

Со Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, поднесен од пратеници од парламентарното мнозинство и од опозицијата, меѓу останатото, се бришат одредбите кои се однесуваат на обврската за Државната изборна комисија да врши мониторинг на електронските медиуми (порталите) за време на изборните процеси, со оглед дека ДИК нема технички услови за да ја спроведе оваа активност

Со предложените измени за миниторингот се задолжува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. АВМУ треба во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законикот  да донесе методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси, за време на изборните процеси и ги објавува на својата веб страница.

– Ова е една можност да го дорегулираме и да извршиме мониторирање и на овој вид на медиуми со одредена забелешка дека ќе треба допрецизирање и добра анализа за да може и ДИК и АВМУ тоа да го допрецизираат за да би можеле да имаме реално информирање  и реална контрола и мониторинг на тоа, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

На дневен ред на седницата е и Предлог законот за рурален развој, кој ќе се носи исто така по скратена постапка. Со него треба да се овозможи  да се додели дополнителна помош на производителите кои ги продале производите, а се уште не ја извршиле наплатата.

На седницата Лилјана Поповска од ДОМ процедурално побара одговор од претседателот на Собранието што се случи со 66. седница и точката со Информација и препораки за загадувањето на амбиеталниот воздух по јавната расправа во ноември лани.

Како што образложи Џафери,  таа точка е на дневен ред на 66. седница, која беше закажана на 24 декември, но на неа и претходни Предлог законот за возила за која има над 30 пријавени за збор. Се додека не заврши расправата по неа не може да преминеме на наредната точка за Информацијата.

– Кога ќе продолжи таа седница не зависи само од мене, зависи и од вас со динамиките  и приоритетите кои се утврдени во Собранието во контекст на потребата за донесување на законите што се однесуваат на реформскиот и интеграцискиот процес. На 28 декември имавме шест седници, а зошто не се одржаа подобро како пратеници знаете. На 28 беше петок пред викенд и новогодишните празници, по паузата пратениците си заминаа каде што си заминаа. Кога ќе дојде редот да продолжиме со седницата ќе бидете известени, рече Џафери.

Барање за одржување на 66. седница и расправа за препораките од јавната јасправа за загадувањето на воздухот претходно до Џафери упати и собраниската Комисија за транспорт и врски, исто така на иницијатива на пратеничката Поповска.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

Во Финска три потписи, во Македонија 2003 за независни листи: Невладините реагираат на измените на Изборниот законик

Орце Костов