Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 56. седница одлучи по скратена постапка да бидат разгледани измените на Законот за азил и привремена заштита.
Со измените се предвидува мигрант кој ќе ја помине границата, да добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа по што ќе мора да ја напушти или да побара азил. Странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил по што полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот, да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, образложувајќи го законот, истакна дека измените на законот се прават поради зголемување на бројот на мигранти кои транзитираат низ државата. Измените, додаде тој, ќе придонесат за поголема безбедност и намалување на ризиците на мигрантите, а Министерството за внатрешни работи ќе добие посоодветна евиденција за лицата кои влегуваат во државата.
– Само во последниве неколку недели на преку 25 илјади лица кои биле забележани во близина на нашата територија им било укажано да се вратат, односно да останат на грчка територија од каде и се обидувале нелегално да влезат во земјава. Голем број мигранти успеваат да ги одбегнат патролите, но затоа фрапантно е зголемувањето на бројот на илегални мигранти во внатрешноста на земјава, посочи министерот Чавков.
Тој додаде дека во првите пет месеци од годинава во споредба со истиот период минатата година се откриени над три пати повеќе илегални мигранти, а предвидувањата се дека овој тренд на зголемување ќе продолжи. Паралелно со ова, рече Чавков, расте и бројот на лица кои треба да се сместат во прифатните центри и за кои само за првите пет месеци од годинава се потрошени околу седум милиони денари од буџетот на Министерството за внатрешни работи.
– Сето ова укажува на сериозноста на ситуацијата и проблемот со којшто се соочуваме. Факт е дека проблемот не е со потекло од Република Македонија. Проблемот кај нас, за жал, е пренесен од нашиот јужен сосед, истакна Чавков.
Предложеното законско решение треба да биде разгледано на матичната Комисија и на Законодавно-правната комисија по што во 15 часот ќе почне дебатата на пленарната седница.
Законот во понеделникот беше прифатен од страна на Владата по што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, имајќи ја предвид актуелната состојба и околностите кои бараат брзо постапување, ја свика денешната седница со цел брзо донесување на предложените законски измени.
Жители на земји од Блискиот исток како Сирија, Иран и Авганистан и други, кои сакаат да стигнат до земјите од Западна Европа, секојдневно илегално ја поминуваат границата со Република Грција и влегуваат на територијата на Република Македонија. Илегалните мигранти територијата на земјата ја минуваат пеш или со велосипед, бидејќи не смеат да користат воз или јавен превоз. Мигрантите во изминатите месеци се движеа и долж железничката пруга, каде се случија неколку несреќи.