Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 90. седница на која на дневен ред е Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се обезбедуваат финансиски средства за реализација на Финансискиот план на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за 2016 година.
Со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници се предлага реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот на Република Македонија за 2016 година, во износ од 253.682.112 денари кои се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Специјалното јавно обвинителство.
Финансиските средства за СЈО ќе бидат наменети за исплата на средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.
Пратениците ќе треба да се изјаснат и по Предлог одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ во Либан, како и по Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во второ читање, како и по Предлог законот за изменување на Законот за високото образование, и Предлог законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје, двата во прво читање.
Меѓу шесте точки на оваа седница е и верификација на мандатот на Милка Христова за пратеник во Собранието на Република Македонија, од редовите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Христова доаѓа на местото на Емил Димитриев, кој беше избран за претседател на Владата на РМ за спроведување на изборите.
По завршување на 90. седница пратениците треба да продолжат со работа по преостанатите точки од 85. седница на која отпочна расправата за Предлог законот за дополнување на Законот за административни службеници поднесен од опозицијата.