Собранието ќе гласа за законот за јазиците и за уставни судии

Од:

Во Собранието на Македонија за денеска е закажано продолжение на пет собраниски седници, а на првата од нив, 27., треба да се гласа за Предлог законот за употреба на јазиците, во второ читање, и за Предлогот за избор на судии на Уставниот суд.

За тие предлози завчера во законодавниот дом заврши претресот без дебата, но бидејќи немаше кворум претседателот на Собранието Талат Џафери гласањето го презакажа за денеска. Одлуките за законот за јазиците и за уставните судии се носат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно неопходни се 61 глас „за“. Џафери завчера вечерта при гостување во телевизиска емисија рече дека очекува денеска да има кворум за гласање.

Изборот на Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за уставни судии за кој треба да се гласа на денешната седница е на предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Костадиновски и Кадриу треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава.

Дебатата за законот за јазизици во Собранието почна на 5 септември минатата година во собраниската Комисија за европски прашања, а парламентарното мнозинство ја усвои потребата од негово носење на 15 ноември лани. Против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека е неуставен и дискриминаторски во однос на македонскиот јазик и останатите јазици на кои говорат граѓаните во Македонија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на Собранието во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.

На дневен ред на 27 седница се и предлог законите за изменување и дополнување на законите за работните односи, за остварување право на пензија за работниците во рударството, за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија, за ловство, сите во прво читање. Собранието треба да се изјасни и за барања за автентично толкување и предлог одлуки за статути.

Според најавата, Собранието денеска треба да работи и по преостанатите точки од 22., 11.,13. и 15. седница.

Би можело да ве интересира

На седница на Собранието измените на Кривичниот законик

Левица: Пратениците повторно испумпаа 14,4 милиони за патни трошоци, ние нема да учествуваме во овој грабеж

Горан Наумовски

Собранието со 73 гласа „за“ го донесе Законот за Судски совет

Горан Наумовски

Мицкоски: Во фаза на потврда сме на три многу важни странски инвестиции – германска, грчка и турска во вредност од околу 120 милиони евра и 1.500 нови вработувања

Зекирја Таири од Коалицијата Влен, пратеник во Собранието на местото на Беким Сали

СДСМ: Усвоена Резолуција против демократијата