Македонското Собрание денеска во рамки на 43. седница ја почна расправата по Предлог одлуката за именување членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата пред велигденските празници предложи именување членови на Антикорупциска од кои само двајца се од постојниот состав.
За членови на Државната комисија за спречување на корупцијата се предложени Горан Миленков, адвокат од Скопје, Игор Тантуровски, дипломиран економист д-р на економски науки од Скопје, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова Аџикотарева, дипломиран правник магистер по казнено право од Скопје, Жаклина Данчевска, дипломиран правник, магистер по деловно право од Прилеп, како и актуелните Сеиди Халили, дипломиран економист од Тетово и Фарије Алиу, дипломиран економист доктор на економски науки од Гостивар.
Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски пред пратениците ја образложи постапката за избор на новите кандидати на Антикорупциската комисија.