Со распит на сведоци продолжи судењето за нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб од Охрид

Од:

Со распит и вкрстено испрашување на сведоци на обвинителството денеска продолжи процесот што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.

Прв на судската говорница беше повикан да сведочи Зоран Котевски, експерт по судска медицина и криминалистика од ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“ од Битола, кој го презентираше својот извештај за повредите на оштетениот Пендиков.

Котевски пред Судот изјави дека целосно останува на неговите наоди дадени во писмените извештаи од 30.01.2023 и дополнувањето на извештајот од 04.05.2023 година.

Одговарајќи на прашања на адвокатот Димитрија Цобоски, застапникот на одбраната, тој рече дека согласно типот на повредите оштетениот можел целосно и успешно да биде лекуван и во нашите здравствени установи, односно не морал за истото да бара медицинска помош во Бугарија, како што направи оштетениот.

Потоа исто така на прашање на одбраната, експертот посочи дека кај оштетениот се регистрирани три тешки повреди, додека сите останати заедно според криминалистиката судска медицина се водат како телесни повреди.

Исто така експертот прецизираше дека настанатите тешки телесни повреди кај оштетениот било потребно да му бидат нанесени најмалку два физички удари, како и дека истите биле нанесени со гола рака.

Уште тој сведочеше дека дополнителната медицинска документација за повредите на оштетениот Пендиков била доставена накнадно до медицински установи од Бугарија, каде оштетениот се лекуваше.

Како што рече тој, настанатите телесни повреди кај оштетениот успешно можат да се лекуваат односно нема да остават трајни последици по неговото здравје.

Во продолжение на процесот, пред Судот сведочеа и Сергеј и Саво Костоски, двајцата од Охрид, пријатели на првообвинетиот Илија Спасески од Охрид и познаници на второобвинетиот Борче Ангелов од Битола.

Обајцата сведоци пред Судот рекоа дека ќе се држат до изјавите дадени пред Обвинителството непосредно по настанот, со образложение дека тогаш подобро се сеќавале на случувањата.

Денешното рочиште по предметот продолжи со доказна постапка при која се читаа писмените докази на Обвинителството, записници, пријави, полицискиот извештај од увидот спроведен на местото на настанот, како и лекарска документација.

Следното судско рочиште по предметот судијата Бојан Мартиноски го закажа за 10 септември, за кога е најавено презентирање на доказите на обраната.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари минатата година пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, што му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Би можело да ве интересира

Илија Спасески има воспаление на вените, Судот одби да му го врати пасошот за да се лекува во странство

Орце Костов

(ВИДЕО) Пендиков: Не се плашам, но добивам смртни закани

Орце Костов

(ВИДЕО) Адвокатот на Илија Спасески го напушти судењето: Обвинителството заборави дека Пендиков е роден во Охрид и е македонски државјанин

Орце Костов

Пендиков се врати во Охрид: Пред истражителите го опишува нападот врз него

Орце Костов

Судењето за Пендиков ќе продолжи на 31 мај, најавено присуство на оштетениот

Орце Костов

ВИДЕО: Пендиков се уште се лекува, повторно не дојде на судењето против неговите напаѓачи

Орце Костов