Осумнаесетгодишниот Леонид Индов летово доживеа тешка несреќа што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок. За неговото лекување со месеци се собираа средства, а пред камери со специјален хеликоптер беше првиот пациент што со таков транспорт е пренесен во Виена на лекување и тоа со државен хеликоптер.Полетувањето беше проследено и од медиумите, на покана на инстутициите покажувајќи дека ова е прв од таков вид транспорт во државата.
Опремата на медикоптерот е донација од Европската Унија, а лекарски тим од „8 Септември“ го придружуваше 18 годишниот Леонид се до клиниката во Австрија. Стануваше збор за ризичен и комплексен транспорт бидејќи Леонид е на респиратор.
Но, денеска стигнала информација дека Фондот за здравство го одбил неговото барање за лекување во странство. Информација ја соопшти заменик народниот правобранител, Јован Андоновски, велејќи дека државата си игра со човечки живот.
„ СРАМОТА! Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, следува шок за него и семејството. Леонид веќе е неколку недели на лекување во Виена. Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето. При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија.
Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката“ напиша правобранителот Андоновски.
За Леонид со месеци се собираа средства бидејќи операциите и третманот за ваков вид повреда беа многу скапи. Донациите ќе покријат мал дел од лекувањето во Австрија, но останатите нема кој да ги покрие. Станува збор за сума од 140 илјади евра.
Леонид дише на респираотр и не може да ги движи рацете и нозете и неопходен му е третман.
Леонид Индов е ученик во математичко-информатичката гимназија, каде ги развивал своите таленти и вештини во областа на информатиката и истражувањата. Има повеќе интернационални успеси, а добил и прво место на меѓународен натпревар НАСА за развој на апликации.