Ноќеска на територијата на општина Струмица наврнаа 12 сантиметри снег, соопштуваат од Регионалниот центар на Центарот за управување со кризи. Оттаму велат дека немало прекини во снабдувањето со струја и вода за пиење.
– Имавме пријави од граѓани за прекин на кабловската мрежа, а во некои села имало и скинати жици кои екипите на ЕВН веднаш ги санирале, но не станува збор за прекини во електроснабдувањето, потврдија од ЦУК.
Мирно било и на ортопедското одделение во Општата болница во Струмица. Од болницата велат дека нема случаи на скршеници стекнати на снегот, освен вчерашната интервенција по сообраќајка што се случила кај село Дабиле.
Од Јавното претпријатие за коминални дејности „Комуналец“ велат дека зимската служба уште од вчера е на терен со ангажирани лица и возила за ваква намена.
Покрај улиците во градот, комуналните служби ги чистеа и локалните патишта во населените места. Од „Комуналец“ велат дека се комплетно подготвено за справување со последиците од снегот и ниските температури кои што се најавуваат за во наредните денови.
Чистењето се врши согласно Програмата за одржување на улици и локални патишта во зимски услови донесена на Советот на општина Струмица. Согласно таа Програма ангажирани се фирми кои што поседуваат соодветна механизација за чистење на улиците и локалните патишта од снежните врнежи.
Општинскиот штаб за заштита и спасување ја следи состојбата и е во постојан контакт со „Комуналец“ и останатите фирми кои ќе продолжат да работат на терен.
Струмичкото комунално претпријатие велат дека за итна интервенција ангажирани се 30 луѓе, а на располагање се две возила со нож за расчистување на коловозите во градот, два трактора со циклони за посипување сол и ризла на улиците, мала машина со нож за чистење на снегот од тротоарите и плоштадот, 30 тони индустриска сол и 30 тони ризла. Доколку има потреба, ќе биде активирана и дополнителна механизација, велат оттаму.