Откако СДСМ го претвори МВР во сервис за издавање пасоши на белосветски мафијаши, шверцери и нарко-босови, ДПМНЕ денес продолжува по истата траекторија и покажува дека нема намера да го расчисти криминалот во сопствените институции. Повторно сведочиме нов катастрофален скандал: издавање на над 300 лажни возачки дозволи за тешки моторни возила и автобуси, директно од рацете на службеници во МВР, велат од Левица.
– Според досегашните информации, службени лица во МВР за сума од околу 1.400 евра незаконски внесувале категории за управување со тешки моторни возила и автобуси во возачки дозволи на лица кои не ги исполнувале условите за нивно стекнување. Возачките дозволи биле евидентирани како изгубени, по што во системот биле внесувани дополнителни категории. Станува збор за особено опасна криминална шема, бидејќи преку корупција во МВР се овозможува лица без соодветна обука и положен испит да добијат право да управуваат со камиони и автобуси.
ДПМНЕ дојде на власт со ветувања за борба против криминалот и корупцијата, но наместо расчистување со наследените коруптивни структури, повторно сведочиме криминал извршен од службени лица во МВР. Особено скандалозно е што во оваа криминална шема се појавуваат лица со претходни поврзаности со аферата со лажните пасоши, кои повторно се нашле во редовите на МВР и добиле можност да располагаат со службени овластувања. Тошковски мора да одговори кој ги вратил овие лица во институцијата, кој им дозволил повторно да работат со чувствителни полициски системи и како е можно лица со ваква историја повторно да добијат доверба во МВР.
Левица бара итна, целосна и независна истрага за целиот случај, при што кривичната одговорност мора да ги опфати не само непосредните извршители, туку и сите службени и политички лица кои овозможиле, наредиле или прикривале вакви злоупотреби. Истовремено, мора да се испитаат и сите претходни случаи на злоупотреба на системот за издавање лични документи и возачки дозволи, за конечно да се утврди како вакви криминални мрежи можеле да функционираат внатре во МВР.
Под раководството на Тошковски, се нижат безбедносни скандали – криминалци ја напуштаат Македонија, осуденици бегаат од затвор, а во самото МВР се откриваат криминални шеми. Сега, службени лица за пари продаваат категории за управување со камиони и автобуси, а во случајот повторно се појавуваат лица со сомнителна историја во МВР. Крајно време е Тошковски да ни објасни како се грижи за безбедноста на државата, кога очигледно не успева да воспостави контрола ниту врз сопственото Министерство, тврдат од партијата.
