Случај Гостивар: Отпадни води влегле во главниот цевковод

Од:

Основното јавно обвинителство Гостивар спроведува истражни дејствија поради сомневања за можно загадување на водата за пиење, откако повеќе граѓани побарале лекарска помош поради здравствени тегоби кои би можеле да бидат поврзани со водоснабдителната мрежа.

Јавниот обвинител Ненад Савески изјави дека во постапката се вклучени сите надлежни институции со цел да се утврдат околностите на случајот и дали постојат елементи на кривично дело.

„На подрачјето на Основното јавно обвинителство Гостивар се преземаат конкретни истражни дејствија во кои се вклучени сите потребни институции за да се утврди состојбата. Дали станува збор за евентуално кривично-правен настан или за нешто од друг аспект, тоа допрва ќе се утврдува“, рече Савески.

Тој посочи дека е прерано да се дава правна квалификација, бидејќи надлежниот јавен обвинител сè уште прибира информации од релевантните институции.

Во истрагата е вклучена и полицијата. Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, потврди дека по наредба на јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Од МВР соопштија дека постојат основи на сомневање за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“ од член 219 од Кривичниот законик.

Според информациите на Министерството, постојат сомневања дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои вода била вбризгувана директно во главниот цевковод што го снабдува градот. Според МВР, целта на оваа интервенција најверојатно била да се зголеми притисокот во водоводната мрежа поради недостиг на питка вода, со што, како што наведуваат, било доведено во опасност здравјето на граѓаните.

Покрај Обвинителството и полицијата, во проверките се вклучени и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран судски вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.

Надлежните институции во моментов ги анализираат причините за здравствените проблеми кај граѓаните, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на првичните проверки и лабораториските анализи.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Пет недели гостиварци се мачат без вода, бадијала ветувањата на Мицкоски

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Мали Фрчко да го пријави Филипче – 400 испитувања покажале неисправна вода во Гостивар, а тоа се криело

СДСМ поднесе кривична пријава против Клековски, Андоновска, Лазов и Амети за случајот со водата во Гостивар

(ВИДЕО) Поповиќ: Граѓаните на Гостивар бараат чиста вода и одговорност, Савески не сака да реагира

Горан Наумовски

СДСМ: Гостивар повеќе од четири недели е без чиста вода, Владата молчи

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Поповиќ: За Гостивар има папка со факти – Савески кога ќе се врати од екскурзија да постапи веднаш