Повеќе словенечките медиуми информираа за договорот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу датум за предвремените парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Интернет порталот на државната Телевизија Словенија (РТВ) во текст со наслов „Во Северна Македонија се уште голем број на новозаразени – избори на 15 јули“, пишува за усогласувањето меѓу двете најголеми политички партии и утврдувањето на 15 јули како конечен датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Во веста се прави и хронологија за тоа како дошло да предвремени избори.
-Социјалдемократскиот премиер Зоран Заев поднесе оставка во јануари, откако Европската Унија во октомври минатата година на земјата не и одобри датум за почеток на претпристапните преговори, иако земјата за таа цел го потпиша историскиот договор со Грција, со кој имато на државата се смени од Македонија во Северна Македонија, пишува на интернет страницата на РТВ.
Словенечката информативна агенција (СТА) во вест со наслов „Македонскиот претседател прогласи вонредна состојба за непречено организирање на изборите“ ја објаснува улогата и дејствата на претседателот Стево Пендаровски во создавањето на услови за организирање на предвремените парламентарни избори.
-Претседателот по вчерашниот договор меѓу политичките партии за датумот за избори, односно 15 јули, очекува соодветните институции да почнат конкретни активности за подготовка на изборните процедури, пишува СТА.