Дигиталната апликација – Аудио читач „Кико“, што Министерството за труд и социјална политика ја подготви заедно со УНДП, а со која ќе се олесни комуникацијата и функционирањето на слепите лица ќе биде бесплатна и ќе може да се користи без интернет поддршка.
Апликацијата е достапна за мобилни телефони Андроиди, како и во десктоп верзија за персонални компјутери.
Инсталирањето на Апликацијата „Кико“ е многу едноставно.
Преку Google Play Store потребно е да се пребара RHVoice апликација, откако ќе се инсталира апликацијата RHVoice, потребно е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, потоа да се кликне „инсталирај“ веднаш до називот „Кико“.
„Слепите лица и лицата со оштетен вид со децении имаа потешкотии при извршување на секојдневните обврски, при учење и читање, затоа што не постоеше аудио читач на македонски јазик, кој соодветно ќе одговори на нивните потреби.
Тие беа принудени да користат аудио читачи од соседните земји, на друг јазик, со роботски глас, што во секој поглед им создаваше проблеми.
Од тие причини членовите на Националниот сојузот на слепи лица на Македонија изразија благодарност до министерката Јагода Шахпаска, која беше главен иницијатор за креирањето на оваа апликација“, соопштува МТСП.
Министерството за труд и социјална политика, заедно со УНДП и Националниот сојуз на слепи лица на Македонија, ја изготвија оваа дигитална алатка по најсовремени стандарди и со поддршка на експерти специјализирани за изработка на говорни синтези со искуство во неколку говорни подрачја.
Во завршна фаза е и „Хана“-албанската верзија на „Кико“, со што и слепите лице чиј мајчин јазик е албанскиот, во земјава и регионот, ќе добијат соодветен аудио читач.
Мотото на лицата со попреченост „Ништо за нас – без нас“ е основата на која се темелат сите политики на Министерството за труд и социјална политика, кои се креираат заедно со лицата со попреченост.
Грижата за ранливите категории на граѓани и создавање на инклузивно општество е главен приоритет за Владата и Министерството за труд и социјална политика, се додава во соопштението на Министерство за труд и социјална политика.