Во советите на Град Скопје и во десетте скопски општини мнозинството во следните четири години ќе го имаат претставниците на владејачката СДСМ. Оваа партија во првиот круг од локалните избори освои мнозинство гласови и за листите за градоначалници.
Листите за советници би можеле да претрпат промени имајќи ги предвид веќе поднесените приговори, но и во тој случај владејачката партија ќе има доминација во мнозинството скопски совети.
Врз основа на податоците објавени од Државната изборна комисија (ДИК), во Градот Скопје СДСМ освоила 21 советник, ВМРО-ДПМНЕ 17, ДУИ три, Беса двајца и по еден советник Алијанса на Албанците и Левица. Во мандатот 2013-2017 година мнозинството во советот на Град Скопје го имаше ВМРО-ДПМНЕ со 22 советници, СДСМ имаше 14, ДУИ петмина, ДПА тројца и ДОМ еден.
Од скопските општини најмногу советници – СДСМ има освоено во Центар, додека ВМРО-ДПМНЕ седум. Во Аеродром СДСМ доби 15 општински советници, а ВМРО-ДПМНЕ 12. Во Карпош СДСМ ќе има 14 советници, ВМРО-ДПМНЕ шест, ГРОМ двајца и Левица еден. Во советот на Ѓорче Петров СДСМ ќе има 13 советници, а ВМРО-ДПМНЕ 10. Во Кисела Вода СДСМ ќе има 12 советници, додека ВМРО-ДПМНЕ 11. Во Шуто Оризари СДСМ доби осум советнички мандати, Сојузот на Ромите седум, ДУИ два и по еден Беса и Алијанса на Албанците. Во скопската општина Бутел ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат по осум советници, а Алијансата на Албанците, БЕСА и ДУИ по еден. Во советот на Гази Баба ВМРО-ДПМНЕ има освоено 14 советнички мандати, СДСМ 12, додека коалицијата на БЕСА, ДУИ и Алијанса на Албанците еден.
Претставниците на албанските партии доминираат во Сарај и Чаир. ДУИ во Сарај ќе има 10 советници, БЕСА петмина, а Алијанса на Албанците четворица. Во Чаир ДУИ има девет, БЕСА 8, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по четворица, а Алијанса на Албанците двајца.