Скопска православна епархија демантира дека во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, дека човечка рака или пак, некое средство учествувало во чистење на фреските. Реакција доаѓа по вчерашната вест во Вечер дека Конзерваторскиот Центар утврдил дека фреските се исчистиле од влагата, што беше демантирано денеска попладне.
„Изразуваме и огромно чудење и сомнеж во резултатот од истражувањата на оваа наша реномирана установа, иако разбираме дека под притисок на јавноста мораше да се изнесат какви-такви видувања. Многу аспекти нè наведуваат на нашиот заклучок, зашто како е можно со толку произволен пристап да се донесуваат конечни решенија. Имено, заради поподробно запознавање на пошироката јавност, ако причината за самочистењето на фреските е влагата, која доаѓала од тоа што „подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи“, укажуваме дека подот не се чисти на тој начин, бидејќи храмот нема одвод, туку се чисти со помошно средство-џогер кое само се навлажнува во вода“, пишува во соопштението од Скопска православна епархија.
Од епархијата прашуваат колку големо количество на вода е потребно за да создаде таков степен на влага и кондензација, односно да покрие толку голем простор. Според напишаното, храмот не се чистел на овој начин само пред минатогодишниот Велигден, тоа се случува откога тој постои.
Од епархијата прашуваат како е можно како процесот да продолжи и по првичната појава, кога ниту имало дождови, ниту влага и зошто сето тоа не се случило порано, особено во зимскиот период минатата година, кога имало обилни наноси на снег и вода.
„Дали ќе следат објаснувања или повторно ќе се постават дилеми – како се појавува нова нијанса на бојата, а зографите, од кои еден е жив, тврди дека не биле сликани така, или од каде е црвената боја која се слеваше по фреските, или, пак, зошто појавата на самоочистување се случи и на иконите во крстилницата, или зошто еден од ангелите на една од Литургиите блесна целиот само во бела боја, а вистинската нијанса е друга, а потоа се врати во претходната состојба и многу други или… По оваа „научна“ логика, колку ќе се очистат фреските и иконите по последниве обилни дождови?“, пишува во соопштението.