„Скопје создава биолошки резервоар на зараза“ – остро предупредување од епидемиологот Даниловски

Од:

Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски предупредува дека натрупувањето отпад низ Скопје ја доведува во прашање минималната јавноздравствена безбедност на градот и бара итна интервенција на институциите.

„Во Скопје последниве месеци, па и години, сме сведоци на состојба што сериозно го доведува во прашање јавноздравствениот минимум на еден модерен град“, вели Даниловски.

Според него, нефункционирањето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ довело до акумулација на купишта отпад околу контејнерите, што веќе не е само прашање на естетика и урбан ред, туку на јавно здравје.

Состојбата, додава тој, кулминирала со немил настан кога дете било каснато од глушец во училишен двор, во близина на насобрано ѓубре.
„Тоа не е повеќе изолиран инцидент, туку симптом на системски распад“, предупредува Даниловски. „Прашање е на време кога ваквата негрижа ќе доведе до пренос на зараза.“

Тој потсетува дека глувците и стаорците се преносители на сериозни заразни болести како лептоспироза, хантавирус и бубонска чума.

„Познато е дека стаорците се размножуваат експоненцијално. Во само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Во Скопје, за жал, постојат сите услови за тоа – храна, вода и засолниште“, вели тој.

Даниловски предупредува дека епидемиолошките ризици во вакви услови растат експоненцијално и дека историјата нè потсетува колку опасно може да биде неконтролираното ширење глодари.

„Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине. Преминат е Рубиконот – нема назад“, порачува професорот.

Тој потсетува и на етичкиот принцип Primum non nocere („пред сè, не прави штета“), кој, како што нагласува, треба да важи и надвор од медицината, за сите институции што имаат одговорност кон граѓаните.

„Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога е во прашање здравјето и безбедноста на децата“, додава Даниловски.

Епидемиологот бара итна, координирана интервенција на сите надлежни институции, по потреба и со прогласување вонредна состојба во делови од градот, заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.

„Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и јасна институционална одговорност. Правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин“, заклучува Даниловски.

Би можело да ве интересира

Арсовска сепак именуваше нов директор на Комунална хигиена

Катерина Ѓуровски

Резервите со нафта се при крај, Управниот одбор на Комунална бара од Арсовска да назначи директор

Катерина Ѓуровски

Определена е мерка притвор за директорот на „Комунална хигиена“

А1он

Обвинителството бара притвор за директорот на „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми и неговиот помошник Аки Саити

Приведени се двајца од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина и природата со отпад

Горан Наумовски

Приведен е директорот на Комунална хигиена Сабахудин Рустеми

Катерина Ѓуровски