Скопје и Тетово и оваа година ветуваат деа ќе ги зачуваат рекордите како најзагадени градови во Европа и Светот. Веќе неколку дена и двата града имаат концентрации на опасни честички над дозволеното ниво.
И како и минатите години најзагадено е во Центар, Карпош и Лисиче, со ПМ 10 честички кои во утринските и вечерните часови ја надминуваат границата за 208 %. Максимално дозволена граница на ПМ 10 честичките е 50 на метар кубен, а во Скопје уште сега е над 200.
ПМ 10 честичките се со големина помала од 10 микрометри и се лесни за вдишување. Се појавуваат поради премногу автомобили, од фабрики, енергетски постројки и согорување на дрва.
Зголемена е и концентрацијата на ПМ 2.5 честичките кои се уште полесни за вдишување, со што се најавува дека и зимава ќе има енормно загадување, кое секако ќе се одрази врз здравјето на жителите.
За разлика од Скопје, европските метрополи во изминативе години против загадениот воздух се бореа пред се со рестрикции кон соообраќајот. Влегувањето во Центарот на Лондон со автомобил чини 10 фунти во текот на денот, а камерите го следат почитувањето на таа мерка.
Истата мерка ја воведе и Милано, со што сообраќајот во Центарот на градот се намали за 22 %, а со тоа и загаденоста на воздухот. Берлин заедно со 200 европски градови воведе “зона на ниска емисија“ односно зона во која можат да се движат возила кои испуштаат мала количина на штетни гасови.
Шведска оваа мерка ја има воведено уште во 1996 година. Оваа мерка подразбира високи казни за теретни камиони, стари автобуси и возила кои се најголеми загадувачи.
Системот пар-непар Атина го има воведено уште во 1982 година, што подразбира дека возилата кои завршуваат на непарен број можат да возат само во непарни денови, во пречник од 23 метри квадратни, односно центарот на градот, а парните само во парни денови. Во Холандија, Данска, наместо возила најчесто како превоз се користат велосипедите и во зимските денови.
Скопје, токму пред почетокот на грејната сезона понуди субвенции за греење на пелети. Градот никогаш не воведе рестрикции на сообраќајот во централното градско подрачје, а не се очекува ниту да воведе сега пред локалните избори.
Големото загадување со штетни честички кои ги емитува инсустријата, греењето на дрва и нафта, како и дизел моторите е последица на зголемиот водушен притисок и ладното време.