Марта П. (27) од Скопје е втората жртва од завчерашното двојно убиство во Кисела Вода, соопшти денеска полицијата откако го утврди нејзиниот идентитет.
Марта беше пронајдена во патничко моторно возило „Опел астра“ на улицата „Ѓорѓи Димитров“, во населбата Кисела Вода, со прострелна рана во главата. Возилото е сопственост на скопјанецот Кирил Р. (34), осомничен за убиството на Виолета Т.(27), исто така од Скопје, која, според МВР, му била вереница.
Како што претходно информираше полицијата, во неделата вечер, околу 19 часот, во стан на улицата „Ѓорѓи Димитров“ беше пронајдено телото на Виолета Т. (27) со прострелна рана во пределот на главата, а 30 минути подоцна во паркирано возило беше пронајдено и телото на Марта П. која тогаш не беше идентификувана. Во непосредна близина на овие локации, во дворот на ОУ „Круме Кепески“, три часа подоцна е пронајдено и телото на Кирил Р. (34) со прострелна рана во пределот на главата, покрај кое имало и пиштол марка „Валтер“ што го поседувал со дозвола.
СВР Скопје работи на целосно расчистување на случајот.