Склучен договор на 96 години, а лимитот е 35, нема ниту регистар на јавни-приватни партнерства

Од:

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Подобрување и унапредување на јавните услуги и инфраструктурните објекти со јавно приватно партнерство“, со цел да се оцени дали преземените мерки и активности за воспоставување и реализација на договори за јавно приватно партнерство (ЈПП) обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти.

Ревизијата, спроведена за периодот од 2017 до 2024 година, покажа дека слабостите во законската рамка, институционалниот капацитет, постапките за доделување и надзорот над договорите за јавно приватно партнерство го оневозможуваат нивното ефективно функционирање, односно преземените мерки и активности за воспоставување и реализација на договори за јавно приватно партнерство не обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти.

Во текот на вршењето на ревизијата утврдени се вкупно 68 договори за доделување на ЈПП, но поради несоодветно воспоставена евиденција постои ризик бројот на склучени договори за ЈПП да е над утврдениот. Структурата на склучените договори за ЈПП според јавниот партнер и видот на договорот е прикажана на следниот графикон:

Со извршената ревизија опфатени се 25 постапки за ЈПП, при што од расположливите податоци утврдено е дека јавниот партнер наплатил надоместоци во износ од приближно 1,5 милиони евра, додека на приватниот партнер му платил надоместоци во износ од приближно 3 милиони евра. Вкупното учеството на приватните партнери во овие договори изнесува приближно 37 милиони евра, што ја претставува само набавна вредност на изградените објекти. Учеството на јавниот партнер е значително, но истото не може вредносно да се искаже со оглед на тоа дека се работи за отстапени права (обезбедени согласности и дозволи за градба, решенија), отстапување на земјиште, градежни објекти и опрема.

Дополнително, не се врши редовно мерење и следење на ефектите од склучените договори за ЈПП, поради што не може да се утврди нивното влијание врз квалитетот на јавните услуги и инфраструктурниот развој на државата.
Постапката за доделување на договори за воспоставување на ЈПП се спроведува без детални подготвителни активности, односно кај 80% од спроведените постапки за воспоставување на договори за ЈПП кои биле предмет на ревизија не се изготвени Извештаи за претходна анализа каде треба да се наведат основните елементи за проектот.

Анализата на спроведените електронски аукции, опфатени со ревизијата, покажува дека приближно 80% од договорите, се склучени со единствениот најповолен понудувач што упатува на отсуство на конкуренција.
Во текот на ревизијата се утврдени слабости во содржината на склучените договори за ЈПП, што претставува можност од неисполнување на обврските на приватниот партнер, несоодветна правна заштита која не создава услови за наплата на казнени пенали во случај на неквалитетно извршување/не извршување на договорите.

Исто така, кај поединечни случаи, утврдени се неправилности во делот на воспоставувањето и реализацијата на договорите за ЈПП, што не овозможува постигнување најдобра вредност за вложените парични средства. Констатирано е и состојба на склучен договор за ЈПП со времетраење од 96 години, што е спротивно на законскиот лимит од најмногу 35 години.
Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра.
Со извршената ревизија во одделни постапки ревизорите утврдија слабости во начинот на воспоставување и реализација на договорите за ЈПП.

За развој и унапредување на туризмот, зачувување на традиционалната македонска архитектура и храна, некогашниот начин на стопанисување и етнологијата, Владата во 2011 година започнала со изградба на Комплексот „Македонско село“ локациски сметен во с. Горно Нерези.

Инвестицијата на државата во Комплексот „Македонско село‘‘ од 293.961 илјади денари, не ги даде очекуваните резултати, поради што за изнаоѓање решение и негова употребна вредност во 2016 година се склучил договор за воспоставување на ЈПП. Очекуваниот приход за целото времетраење на договорот изнесува 53.800 илјади денари, што претставува 18% од висината на вкупната инвестиција. Сепак, договорот, кој бил склучен без доволни подготвителни активности и анализи, не обезбеди долгорочна соработка и економски придобивки, поради што истиот беше раскинат од страна на концесионерот во октомври 2018 година, поради економска неисплатливост.

Имајќи го во предвид значителното вложување во изградбата на објектот, со ревизијата се укажува дека доколку Комплексот „Македонско село‘‘ во иднина не биде ставен во функција и редовно одржуван, постои ризик истиот да биде целосно оштетен од надворешни влијанија, човечки фактор и други штетни влијанија.

Владата во 2019 година донела Одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на ЈПП за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, заради остварување:
– интегрирани услуги за управување со централни стерилизациски станици;
– персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти;
– стерилен медицински материјал (облека) за една употреба во хируршките сали;
– третман на ризици од биолошки отпад и
– дезинфекција на хируршки сали.

Во декември 2019 година, склучен е договор за ЈПП меѓу Владата преку Министерство за здравство како јавен партнер и група на економски оператори како приватен партнер, за период од 15 години, со кој приватниот партнер се обврзал да реновира и адаптира четири објекти во Центри за стерилизација, во рок од две години, односно до декември 2021 година. Поради нецелосно исполнети услови од страна на јавниот партнер, рокот за реализација повеќепати е пролонгиран на неопределено време.
Комисијата за следење на реализацијата на договорот за ЈПП, која е составена од претставници и на јавниот и на приватниот партнер, констатирала дека приватниот партнер во целост извршил реновирање, адаптирање и опремување само на Центар за стерилизација на хируршка опрема на објектот кој се наоѓа во ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ – Клиника за ортопедија „Мајчин дом“ – Скопје, додека кај другите три објекти не се отпочнати активности бидејќи истите не им биле предадени во владение на приватниот партнер.

Во мај 2024 година, Комисијата повторно извршила обиколка во просториите на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Скопје и констатирала дека се запазени протоколите и стандардите за отпочнување со работа, но до завршување на ревизијата соработката по основ на ЈПП сè уште не е воспоставена.

Во август 2024 година со цел информирање за прогресот за имплементација на договорот за ЈПП, од страна на Министерството за здравство подготвена и испратена е информација до Владата, која е разгледана како документ од информативен карактер, при што не се дадени предлог – заклучоци за натамошно постапување.

Ревизорите истакнуваат дека доколку не се воспостави соработка помеѓу двата партнери и не се изнајде заедничко решение постои ризик од потенцијални штети за двете страни. Овие штети не се ограничени само на економски аспекти, туку може да имаат и негативно влијание врз јавната перцепција за институциите и квалитетот на здравствените услуги кои им се обезбедуваат на граѓаните.

Во ноември 2021 година, склучен е договор за доделување на ЈПП за управување со паметни туристички инфо и промо центри во Полошкиот регион. Предмет на договорот е обезбедување услуги за функционирање на вакви центри на две локации — во Тетово и Попова Шапка. Од страна на јавниот партнер обезбедени се монтажни објекти од привремен карактер, додека во договорот не се прецизирани конкретно обврски на приватниот партнер. Договорот е склучен со вкупна вредност од 60.000 илјади денари, со цел да се обезбедат навремени и квалитетни информации за туристите поврзани со сместување, угостителство, настани и други релевантни содржини, како и да се поддржат маркетинг иницијативи, промоција на локални производи и креирање атрактивни туристички понуди кои ќе го поттикнат развојот на туризмот во регионот.

Со ревизијата е утврдено дека приватниот партнер, паметниот и информативен промотивен Центар не го користел наменски за промоција на туризмот, туку за вршење комерцијална дејност.

Комисија за имплементација и надзор на договорот за ЈПП, дала предлог до директорот на Центарот за развој на Полошки плански регион за раскинување на договорот. За да го избегне тоа и да ја продолжи соработката, приватниот партнер, преку договор за „сингуларна сукцесија“ , ги пренел своите права и обврски на друго правно лице. Притоа, не биле обезбедени соодветни докази за личната и економско-финансиската способност на новиот приватен партнер, што е спротивно на начелата за еднаков третман, транспарентност и недискриминација при избор и работа со приватни партнери.

Во 2012 година АД Водостопанство – подружница „Тиквеш“ Кавадарци врз основа на пре – физибилити студија за реконструкција на постоечки објекти и имплементација на 4 нови МХЦ на река Бошава спровела постапка за воспоставување на договор за ЈПП.
Во 2012 година подружница „Тиквеш“ Кавадарци склучува договор за ЈПП за реализација на проектот Бошава за повеќенаменско искористување на водите, со кој е уредено приватниот партнер да изгради 5 МХЦ. Бројот на МХЦ не е согласно физибилити студијата, јавниот повик и тендерската документација за воспоставување ЈПП. Наведената состојба покажува дека склучениот договор за ЈПП не е усогласен со подготвителните активности и спроведената постапка за доделување на договор, што може да влијае на оправданоста и квалитетот на вршењето на дејноста на јавниот партнер.

Во делот на правната рамка, ревизорите утврдиле дека националното законодавство за ЈПП не е во целост усогласено со Директивата 2014/23/ЕУ за доделување на договорите за концесија и разликите се однесуваат на области кои се предмет на уредување и правилата за воспоставување на договорите за ЈПП.

Дополнително, ревизорите укажуваат на отсуство на национални политики и сеопфатна стратегија за развој на ЈПП, што негативно се одразува врз планирањето на проектите, распределбата на ресурсите и дефинирањето приоритети. Ова, пак, го отежнува привлекувањето на економски оператори и го забавува развојот на квалитетни јавни услуги и инфраструктура.
Иако Советот за ЈПП, бил именуван од Владата два пати, како значајно советодавно тело за унапредување и ефективно остварување на ЈПП во земјата, сепак не ја извршувал законската функција. Поради тоа недостасуваат промотивни активности за ЈПП, предлози за проекти склучени со помош на ЈПП, иницијативи и предлози за изменување на прописите во областа.
Постојат слабости во националната законска регулатива за ЈПП, што неповолно влијае врз начинот на планирање, воспоставување, управување, следење и отчетност на проектите за ЈПП и нецелосно почитување на начелата на еднаквост, недискриминација, пропорционалност и транспарентност во постапките. Дополнително, не е предвидено постоење на Единствен електронски систем за ЈПП, преку кој транспарентно би се спроведувале сите постапки и би се овозможило автоматско водење регистар на доделени договори.

Недостатокот на Единствен електронски систем за ЈПП и нецелосно ажурираниот Регистар на доделени договори за ЈПП (се води како табеларен преглед во excel), кој треба да биде единствена база на податоци за следење на целокупниот процес, влијае врз успешното спроведување на законот и не обезбедува транспарентен и унифициран пристап до информации за склучените договори.
Начинот на кој е уреден надзорот не е доволно прецизен и не овозможува навремено следење и информирање за степенот на реализацијата на договорите.

Законската регулатива не содржи прекршочни одредби за недоставено известување за склучен договор, ниту одредби за известување за раскинат договор за ЈПП од страна на јавниот партнер до МЕ, што влијае на ажурното водење на Регистарот на доделени договори за воспоставување на ЈПП и неговата комплетност. Недоволна кадровска екипираност кај јавните партнери, неповолно влијае во начинот на спроведување на надзорните активности кај ЈПП.

За надминување на наведените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните институции, а во функција на обезбедување ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти.

Би можело да ве интересира

Политичките партии не ги поднеле финансиските извештаи за 2024 година

Катастрофални услови, пренатрупаност и и лоша здравствена заштита во македонските затвори

Градинките се пренатрупани, листите на чекање се огромни, вработувања нема

Катерина Ѓуровски

Утврдени слабости во работењето на Централен регистар кои влијаат на реалноста на финансиските извештаи за 2023 година

Бројни системски слабости кај Кривичен суд утврди Ревизија

Македонска пошта тоне во загуби и долгови, а директорите лани си ги зголемиле платите

Катерина Ѓуровски