Сите граѓани кои се вакцинирани во Србија со кој бил тип на вакцина, освен со „АстраЗенека“, ќе можат да се ревакцинираат кај нас, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека за помладите од 60 години, кои што вакцинирани со „АстраЗенека“, засега нема препорака да се ревакцинираат.
– Се уште нема јасен став, се уште се анализираат и публикациите и ставовите на многу национални агенции за лекови, дали евентулано треба да примат друга вакцина или не. Така што во таа смисла препораката е да не се прима втората доза на вакцина на „Астра Зенека“. Нашата одлука е да не се вакцинираат граѓани под 60 години со вакцината на „АстраЗенека“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека верува оти во периодот што следи ќе има јасен став и за таа категорија на граѓани.
Околу мотивацијата на граѓаните за пријавување за вакцина, Филипче рече дека сега приоритет им даваат на оние граѓани коишто се веќе пријавени и врз основа на тоа се прави и прераспределбата на вакцините, но оти еден од механизмите е повик од матичните лекари.
– Ние во мај очекуваме дополнителна голема количина од 500.000 вакцини на „Синовак“, мислам дека ќе бидат сосема соодветно снабдени сите пунктови за масновна вакцинација. Овие коишто сега доаѓаат на „Фајзер“ се со еден јасен распоред каде треба да бидат диситрбуирани. Се уште, за жал, нема конкретен одговор за втората количина на „АстраЗенека“ преку Ковакс и од руските вакцини, меѓутоа тоа дефинитивно е еден од механизмите, истакна министерот за здравство.
Тој воедно упати апел до граѓаните да се пријавуваат за имунизација преку сајтот вакцинација.мк, бидејќи, како што рече, тоа е еден од најсоодветните механизми.